Скороводников: Во „Света Софија“ се чувствувам инспиративно

Со композиции од Фредерик Шопен и Петар Илич Чајковски, „Охридско лето“ синоќа во црквата „Света Софија“  донесе концерт на маестралниот канадски пијанист Еуген Скороводников.

Скороводникот, иако звучно пијанистичко име, сепак, скромен кога треба да зборува за себеси, вели дека концертот поминал во одлична атмосфера, а најмногу од се’, впечаток му оставила публиката.

 

-Концертот помина во одлична атмосфера. Ние како изведувачи секогаш мислиме дека  можеме подобро. Но најмногу од се’, ми се допадна публиката. Таа беше мошне приемчива, чувствителна и со големо внимание  го проследи концертот.  Беше многу тивко, така што се чувствував  поврзано со неа, а тоа е особено важно зашто музиката е всушност комуникација, изјави пијанистот Скороводников.

Делата од познатите композитори што ги изведе тој, совршено се вклопија со акустиката во сакралниот објект, катедралата „Света Софија“.

-Токму поради тоа, на мојот настап не морав да користам дополнителни ефекти бидејќи самата црква помогна во изведувањето. Кога сте во оваа црква, стара илјада години,  имате посебно чувство  инспирација, истакна Сковородников, кој, како што рече, отсекогаш знаел за постоењето и високото реноме на фестивалот „Охридско лето“.

И селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Васо Ристов, оцени дека концертот со големиот пијанист Еуген Сковородников помина така како што наликува на еден голем виртуоз на пијаното.

-Предолгите аплаузи од страна на публиката само ја докажаа умешноста, на големиот виртуоз на својот инструмент, пијаното, со беспрекорна музикалност особено во делата на Шопен.  За прекрасното музицирање  со одлични динамични нијанси,  од страна на публиката, маестро Еуген беше враќан трипати на „бис“. Со тоа се потврдува  квалитетот на вчерашниот концерт на „Охридско лето“, но и на самиот уметник, вели музичкиот селектор Ристов.

Критиката го опишува Еуген Скороводников како изведувач со „извонредна изведувачка техника“, „неспоредлива елеганција и волшебна моќ“, „совршено мајсторство во свирењето и истенчено чувство за стил“.