„Сон на летната ноќ“ синоќа се одигра на „Охридско лето“

Романтичната комедија „Сон на летната  ноќ“ напишана од перото на големиот англиски драмски алхемичар Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел синоќа беше одиграна на сцената „Долни Сарај“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Една од најиграните шекспирови комедии играна ширум светот  пред фестивалската публика ја одиграа актерите на Рускиот драмски театар Станиславски од Караганда, Казахстан.

„Сон на летната ноќ“ ги прикажува авантурите на четири млади атински љубовници и група аматерски актери, нивното дејствување со кралот на Атина, Тезеј, кралицата на амазонките, Хиполита и со самовили кои населуваат една месечево осветлена шума. Претставата е една од најпопуларните Шекспирови дела за сцена и е широко изведувана насекаде низ светот.

-Претставата  е  развиена и базирана  на  пластичен вокабулар  помешан  со  модерна  музика, стил, игра, костимографија , романса во самата  игра, комедија  на играта , длабока психологија како и некои темни аспекти .Ова не е само клише  или  едноставен хумор, туку има  и подлабоки психолошки импликации, вели режисерот Блондел.

Според него, има неколку работи што играат улога тој да се враќа повеќепати во Македонија и тоа со делата од Шекспир.

-Прво  Шекспир  по мене  претставува и постана  еден заеднички јазик за  сите , потоа ги познавам  делата на Шекспир , сум гостувал во Албанија, овде во Македонија, во Казахстан , театарот  ме  ангажира    поради моите специфични искуства, така што  во лето,  секогаш  Шекспир  е актуелен, луѓето  го знаат ова  место, го сакаат ова место, и токму на  овој јазик со  овој режисер и оваа публика се случи нешто прекрасно. Од друга  страна  Шекспир  секогаш  е  голем предизвик и уживање,  секогаш  неговите дела предизвикуваат интерес , самата  игра  нуди  прекрасни сцени , дијалози , игра, при што  се  трага  по нови  околности  и уживања.Освен тоа  за овој театар   ова  е  првпат да ја изведува „Сон на летната ноќ“ од  Шекспир овде, и тоа  предизвикува  возбуда. Инаку ова е шести пат да го режирам ова дело но  пред  казахстанската  публика и за мене секако беше  едно  ново искуство, додава Блондел.

Самото дејство во претставата „Сон на летната ноќ“ се одигрува во Атина. Во атарот на Атина акцентот е ставен на бракот што допрва треба да се случи. Сите сцени на мајсторски начин се отсликани и претставуваат јасна визија на една пиеса којашто е излезена од перото на големиот Шекспир.

Ликовите се градени во типично Шекспиров стил. Од лик до лик има дијаметралности кои што со своите заплети и интриги ѝ даваат на пиесата една грандиозна идеја за типична приказна која преку своите идеали успева да допре до секој гледач.