„Странци“- болна приказна од нашето секојдневие

Драмски театар од Скопје со театарската претстава „Странци“ од Филипо Болоња , режирана преку современиот пристап на режисерката Нела Витошевиќ синоќа донесе преполна сала гледачи на фестивалот „Охридско лето“.

Актерите на Драмски театар донесоа современа приказна која кореспондира со новото и модерно време. Седуммина пријатели играа игра, споделувајќи ги пораките, разговорите и фотографиите од своите мобилни телефони, како и комуникациите преку социјалните мрежи со што си ги откриваа личните тајни и отворија болни конфликтни ситуации.

Темата на синоќешната претстава е актуелна и со неа може да се поврзе секој човек. Зборува за тоа колку технологијата ги окупира нашите животи и нè отуѓува од нашите партнери и од семејства, колку лагата станува поважна од вистината.

Текстот во претставата е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играа Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург на „Странци“  е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски.

Публиката на „Охридско лето“ синоќа не ги штедеше аплаузите за фасцинантната и моќна приказна која донесе сосема поинаква естетска димензија. За „Странци“ , во билетарниците на „Охридско лето“ се бараше карта повеќе.

Галерија: