„Сви марш на плес“ ги врати луѓето во златните времиња без мобилни телефони и интернет
Омилените и препознатливи мелодии и хитови од легендарната рок група „Бијело дугме“ вткаени во динамичната танцова претстава „Сви марш на плес“ вчеравечер одекнуваа од сцената „Долни Сарај“ во рамки на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
„Сви маршна плес“ е авторска претставата на Balkan dance project, во кореографија на Игор Киров, а драматуршки направена од Горан Головко. Идејата за еден ваков проект, според кореографот Киров тлеела поддамна а целта, како е што вели, е да ги врати повозрасните генерации во времето на поранешна Југославија, а на помладите да им пренесе дел од атмосферата во која се живееше тогаш.
-Сакавме на еден друг начин да ја наградиме публиката и на еден танцов начин да ја навратиме во едно време кое го нема повеќе, време коешто постарите генерации добро го паметат, а на новите генерации да им доловиме како било тогаш и на кој начин луѓето функционирале луѓето, без мобилни телефони и без интернет. Ги носиме луѓето на една работна акција на почетокот од 80-те години во Југославија во која играчите, луѓе од целата поранешна држава се собираат заедно и секој си има своја приказна кога доаѓа на тие бригади, вели Киров.
Енергијата и предаденоста на танчерите на модерниот балет, во комбинација со музиката на Горан Бреговиќ и креативниот импулс на Игор Киров доносоа свежо иновативно театарско искуство на сцената.
-Секоја песна има своја приказна, со тоа што од почетокот до крајот приказните се испреплетуваат, луѓето се запознаваат и дружат, развиваат познанства, се раѓа љубов.Едноставно, музиката на „Бијело дугме“ нѐ поврзува сите, а самата поставка под името Balkan dance project, нѐ поврзува нас поврзува нас, играчите и кореографите од целиот простор на поранешна Југославија и Балканот, така што идејата да се направи ваков проект тлееше одамна каде што ќе ги вратиме луѓето во нешто што било добро, и помладата генерација да ја воведеме во еден имагинарен свет којшто за нив е непознат. И ете, успеавме, ние како млади генерации, играчите на сцена се многу помлади од мене и не го доживеале тоа време, да донесеме една слика на која со колички, гајби пиво, со облека од тоа време, да ги опуштиме гледачите и да ги однесеме во нешто што е поразлично од сѐ останато, додава Киров.
Во претставата „Сви марш на плес“играа Емир Фејзиќ, Зулеја Кечо, Бранко Митровиќ, Лука Живковиќ, Јакша Филиповац, Енди Шроете, Мојца Мајцен, Теодора Радивојевиќ, Ана Кузмановиќ.
Balkan dance project формирана токму од Киров ги обединува младите уметници од целиот Балкан.
Македонскиот кореограф и балетан Игор Киров кој е познат и признат на меѓународната сцена, во моментов во Штипскиот народен театар ја подготвува претставата „Едип коментари“ од Софокле заедно со режисерката Драгана Милошевска Попова, која треба премиерно да се прикаже на 10 август.Како што вели самиот тој, во него тлеат бројни планови и идеи, но нивната реализација ќе зависи од текот на пандемијата.