Татарчевски: „Охридско лето“ во моментов е светлина за уметноста
Вонвременската духовна музика изведена со најсложениот инструмент-човечкиот глас вчеравечер одекна во предворјето на катедралната црква „Света Софија“. Професионалниот хор „Про Арс“ одржа концерт со духовни композиции во рамките на фестивалската програма на „Охридско лето“.
Шеесетминутниот концерт на хористите кои настапија под диригентско раководство на маестро Сашо Татарчевски беше награден со бурни овации од страна на публиката, пред сѐ, заради извонредната изведба на духовните дела, а потоа и заради воспоставениот флуид и позитивната енергија која доаѓаше до слушателите.
Репертоарот опфати духовни композиции од домашни и странски автори, кои иако не беа изведени во акустичен простор, сепак, прозвучија исто како да се изведени во таков амбиент. Ова, според диригентот Сашо Татарчевски, не е ни малку лесна задача, но како што вели, целокупната ситуација предизвикана од здравствената пандемија ги навела уметниците да истражуваат како да се прилагодат на новонастанатата состојба, а сепак, да останат професионални во своето работење.
-Поради пандемијата моравме да се обидеме да најдеме нови начини на работа и да бидеме многу ефективни со краткото време што го имавме за да ги споиме заедно композициите. Програмата не е мала за да се испее на отворено и тоа е дополнителниот напор што треба да се вложи бидејќи сите композиции мора да се пеат за една динамика плус, за воопшто да носи звукот во просторот надвор, во предворјето на „Света Софија“. Знаете, духовната музика е пишувана за акустични цркви, но морам да кажам дека сум многу задоволен од концертот и од тоа како издржаа моите хористи бидејќи навистина е напорно да се исполни тешка програма во ваков простор, вели Татарчевски.
Ова, како што додава тој, е ново искуство што ќе им служи на уметниците и во иднина, за да имаат ефективност во работата.
-Бевме приморани да истражуваме и да учиме нови работи. Истражувавме на колкаво растојание да се пее, колку треба да сме оддалечени во длабина, како да ги правиме пробите, првпат почнавме да размислуваме како треба да сработиме онлајн концерт на професионален хор, како сето тоа да се спои само со две-три заеднички средби и слично. Многу сме благодарни на организаторите од фестивалот, и морам да нагласам дека „Охридско лето“ во моментов е светлина за уметноста, појаснува Татарчевски.
Професионалниот хор „Про Арс“ е формиран пред девет години и обединува млади, мотивирани и вокално образувани хорски уметници.
-Недостатокот на ваков ансамбл не даваше можност да авторите, особено на нашите, да се изведат многу нивни композиции, тоа беше првичната идеја поради која го формирав хорот, но потоа секако го проширивме нашиот репертоар. Веќе имаме 50-тина први изведби во Македонија, не само на македонски автори, туку и композиции на странски автори коишто никогаш не зазвучиле кај нас со ваков хор, додава диригентот и основач на „Про Арс“, Сашо Татарчевски.
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на една од најистакнатите македонски пијанистки Марија Ѓошевска.