Успешно 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“
Патот кој го зацртавме на самиот почеток на фестивалот „Охридско лето“ успешно го изодевме. Реализиравме богата уметничка програма без ниту едно откажување, се покажавме како добри домаќини пред околу 800 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 27 земји од светот, истакна денеска на завршната прес-конференција посветена на 58-то Охридско лето директорката на оваа Национална установа, Сузана Вренцовска.
Таа додаде дека благодарение на поддршката и заложбите на Министерството за култура на Република Македонија, Општина Охрид, како и помошта од верните спонзори и пријатели на фестивалот, публиката уживаше во неповторливи настапи на врвни уметници од светот на музиката и театарот.
-На наше задоволство, на сите уметници, независно дали се домашни или меѓународни, им понудивме исти услови и обезбедивме соодветен третман, достоен на врвните уметнички имиња учесници на фестивалот Охридско лето. Секоја вечер, секој настан се одржуваше пред полни трибини, задоволна публика, во знакот на беспрекорна сценско-техничка организација.Со домаќинско работење и строго наменско трошење на средствата но и редовно сервисирање на обврските, годинешново фестивалско издание го завршивме со позитивно финансиско салдо. Тоа ми дава за право да речам, „Охридско лето“ 2018 е едно од најуспешните изданија, основа од која ќе ги градиме следните кои ќе бидат скалило погоре во однос на квалитетот, изјави Вренцовска.
Како што нагласи директорката, според статистиката, годинава се бележи и зголемување на продажбата на билети, а он-лајн билети се купуваа од бројни земји од светот.
-Настаните се исполнија до последно место, понудивме ниски цени достапни за секого, се’ со цел што повеќе луѓе да посетуваат културни настани. Следејќи ги светските текови реализиравме преноси на настани во живо преку нашата веб-страна, концертот на Музичката младина на Македонија во црквата Света Софија, и Свеченото отворање на Антички. Посебно внимание посветивме и на дизајнот на пропагандниот материјал како и на маркетингот и промоцијата на фестивалот. Зад сето ова стои тимот на „Охридско лето“ кој внесе огромна посветеност и професионализам. Охридско лето доби и нова брендирана билетарница за продажба на самиот кеј, рече Вренцовска.
Подготовките за 58-то издание, според неа, беа завршени уште пред самиот почеток на фестивалот. Во соработка со Општина Охрид и општинските јавни претпријатија се санира гледалиштето во предворјето на црквата „Света Софија“, со целосна замена на оштетените дрвени седишта и елементи. Започна и постапката за реконструкција на сцената Долни Сарај, по проект финансиски поддржан од Министерството за култура вреден 1,4 милиони денари.
-За следната година во програмата за инвестиции за 2019 година аплициравме со проект монтажно гледалиште и монтажна сцена. Фестивал како што е „Охридско лето“ заслужува да ги има сите неоходни услови за реализација на програмата. Тоа ќе значи дека настаните ќе може да се поставуваат на бројни места низ градот каде има услови за тоа, најави директорката на НУ „Охридско лето“ Сузана Вренцовска додавајќи дека и натаму ќе ја застапува иницијативата за концертна сала во Охрид со чија изградба фестивалските настапи во иднина нема да зависат од временските прилики.
Осврнувајќи се на музичката програма на „Охридско лето“, музичкиот селектор Васо Ристов, истакна дека со понудената програма и екслузивните уметници, Охрид повторно стана вистинска културна метропола како и досега, која привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји и тоа токму само заради годинешните ѕвезди и квалитетната програма.
-И оваа година нашите заложби беа фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски денови, и во тоа успеавме. Доминантна беше класичната музика. Од успешноста на изборот на програмата зависеше и реномето на фестивалот кој според домашната, но и странска стручна јавност, заедно со целиот тим доби одлична критика и пофалби за целата организација, а со тоа градот Охрид претставува значајна светска уметничка сцена и голема културна метропола. Традиционално имавме неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена. Тоа се имиња на уметници по кои се паметат фестивалските изданија, меѓу кои Николај Лугански великан од пијанистичката фела, потоа челистот Александар Књазев,виолинистот Сергеј Крилов.. тројцата од Русија, како и Александар Маџар (Белгија/Србија), исто така пијанист на неговата генерација, рече селекторот на музичката програма Васо Ристов.
Селекторот Ристов нагласи дека посебно задоволство е што најголемите ѕвезди на фестивалот, почнувајќи од спектакуларното отворање на 12 јули со сопранот Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовеану настапуваат заедно со македонските национални оркестри.
-Оваа година публиката на фестивалот на „Охридско лето“ имаше можност да слушне еден од најдобрите усни хармоникаши Антонио Серано од Шпанија кој многу години свиреше и концертираше заедно со легендата на школата за Гитара Пако де Лусија, кој настапи во пијано придружба на Констанца Лехнер. Посебно уметничко доживување беше и концертот на светскиот секстет-акапела- од Виндзор кастл-Велика Британија.Ексклузивноста на фестивалот се потврдува и преку гостување на уметници кои музицираат или се во вокални состави од ваков тип-АКАПЕЛА ПЕЕЊЕ, или музицираат на ретки инструменти кои до сега не се слушнати во Македонија, а и во регионот, додаде селекторот Ристов.
Како дел од настаните што го одбележаа ова издание тој ги спомена и концертите што се одржаа во соработка со амбасадите на странските земји во Македонија, како што беа Полската, Француската, Шпанската, Украинската, како и Вечерта на Европската унија.
-Стоечки овации, восхит и уште една одлична вечер за љубителите на добрата музика, донесоа и уметниците од словенечкиот состав „Балкан Нуево“ предводени од светски познатиот кларинетист од македонско потекло Горан Бојчевски. Синоќа на наше големо задоволство го слушнавме-Кинескиот бамбус флејта оркестар, кој припаѓа на кинескиот конзерваториум за музика -флејта и уметничкиот истражувачки центар. Тука е и прекрасниот концерт на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Посебен предизвик беше изборот за концертот на 4 август по повод роденденот на фестивалот со познатата македонска група-СИНТЕЗИС македонски уметници, виртуози на своите инструменти.Македонската опера ибалет учествуваше со делото на проф. д-р Димитрије Бужаровски-Радомировиот псалтир,оп 47 за два сопрана,тенор,бас,хор.детски хор и симфониски оркестар.Само набројувањето на сите овие имиња ,солисти,состави, камерни оркестри и оркестри е доволна потврда дека програмата и годинава ги оправда очекувањата на љубителите на музиката.
Селекторот на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ Александар Поповски најави дека подготовките за следното фестивалско издание започнуваат веднаш по завршувањето на годинешното издание.
-Охридско лето е еден фантастичен фестивал. Сум го сакал порано, а сега првпат имам можност да учествувам од другата страна на фестивалот и мислам дека допрва следат работи кои можат да го направат уште подобар. Како селектор ги гледам можностите што овој фестивал ги има и што семоже да се направи. На едно место во месец и половина да собереш таква елита на уметници од толку многу земји е голема предност како за Охрид, така и за цела Македонија. Она што го видов и она на што ќе инсистирам за следната година е домашната продукција на претстави. Би сакал секој театар во Македонија да подготви претстава што ќе биде наменски презентирана првин овој фестивал. Кога јас студирав , главниот момент во сезоната доаѓаше на „Охридско лето“ каде што беа главните претстави, а потоа претставите започнуваа да играат на редовниот репертоар. Ќе инсистирам сите претстави да се играат на отворено и на нови простори, рече Поповски.
Една од идеите, како што најави Поповски, е фестивалот „Охридско лето“ да има своја продукција како што има фестивалот во Дубровник.
-„Охридско лето“ мора да има една претстава во сопствена продукција. Тоа ќе го направиме следната година, додаде селекторот на драмската програма Александар Поповски, на завршната прес-конференција на фестивалот.
„Охридско лето“ како дел од Европската Асоцијација на фестивали се одржува под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија а под покровителство на Претседателот на државата д-р Ѓорге Иванов. Фестивалската завеса на 20-ти август ќе биде спуштена на Античкиот театар со театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, а во продукција на Словенечки народен театар СНГ Драма Љубљана,Цанкариев дом и Градски театар од Словенија.