Вечер на кинеска музика со бамбусови флејти

Кинескиот оркестар на бамбусови флејти вечерва ќе музицира за публиката на фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почерток во 21 часот, а програмата со наслов „Небесниот звук на бамбусовата флејта и Ксиао“ опфаќа античка музика од династијата Танг, како и дела од кинеските композитори Жанг Веилианг, Лиу Мингјуан, Гуо Венжинг, Цуи Кван.

Кинескиот оркестар на бамбусови флејти е основан од еден од најпознатите интернационални професионалци за кинеска традиционална музика, познат свирач на т.н. „бамбусова флејта“ – Жанг Веилианг и е  прв од ваков вид во светот. Функционира како дел од Кинескиот конзерваториум за музика во Пекинг кој претставува највисок конзерваториум за традиционални кинески инструменти, а создаден е со цел да се постигне подобар развој на изведувачките способности на бамбусовите флејтисти.

Флејатата како инструмент е оддамна позната во кинеската музика. Уште од античко време се користела во традиционалната кинеска опера, но и во кинеските оркестри.

Покрај промоцијата, како на инструментот, така и на кинеската традиционална музика, оркестарот има голема улога и во збогатувањето на музичката литература за бамбусовата флејта, поттикнувајќи ги композиторите и изведувачите да компонираат музика за потребите на оркестарот. Н а репертоарот се среќаваат оригинални дела на голем број значајни кинески композитори, а постојано расте и бројот на композитори од другите земји кои компонираат токму за овој инструмент. Повеќето од членовите на оркестарот се млади професори од конзерваториумот, добитници на многубројни награди и признанија.