На фестивалот „Охридско лето“ денеска ќе се одржи Вечер на македонски пијанисти.
Во црквата „Света Софија“ ќе настапат македонскиот виолонист Климент Тодороски во пијано-придружба на Дино Имери. На програмата се дела од К. Сен – Санс, С. Франк како и Свитата од балетот „Ромео и Јулија“ за виолина и пијано од С.Прокофјев.
Виолинистот Костадин Богданоски придружуван од пијанистката Марија Ѓошевска ќе изведе дела од Р.Шуман, Б. Сметана и И.Стравински.
Климент Тодороски е роден во 1984 година во Охрид. Музичкото образование го започнува во Охрид и во Битола, а го продолжува на Националниот музички конзерваториум во Тулуз, Франција во класата на професор Благоја Димчевски сè до 2002 година. Дипломира на ФМУ-Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко. Тој е учесник на семинари, концерти и натпревари во Словенија, Русија, Романија, Србија и Франција. Тој е добитник на повеќе државни и интернационални награди, меѓу кои: трета награда на натпреварот „Петар Коњовиќ” во Белград, втора награда на натпреварот „Корнелија Бронзети” во Романија и прва специјална награда на Меѓународниот натпревар „Охридски бисери”. Како солист настапува со Македонската филхармонија, камерниот и симфонискиот оркестар при ФМУ во Скопје и „Охридско лето”, Хераклејски вечери… Учествувал во реализацијата на неколку проекти со еминентниот виолинист Јован Колунџија, Националниот камерен оркестар од Тулуз и симфонискиот оркестар на „Капитоле“.
Во неговите позначајни настапи може да се вбројат и настапите со светски познатиот пијанист Симон Трпчески, на концертната турнеја низ Македонија (2007-2008), Велигденскиот концерт – Скопје (2008), како и настапот во седиштето на Обединетите нации на покана на претседателот Срѓан Керим. Климент Тодороски е солист на концертот со кој диригира светското чудо од дете, диригентот Илич Ривас на фестивалот „Скопско лето“ во 2009 година. Климент Тодороски работи како концерт-мајстор во Македонската опера и балет од 2009 година.
Дино Имери e еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова и проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје со кум лауде), како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст, со просек 10 и со почести кум лауде. Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Загреб (отворање на циклусот „Пијанофортисимо“), со Стразбуршкиот филхармониски оркестар (француска премиера на Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери), со Софискиот филхармониски оркестар, како и на фестивалите во Хрватска, Франција, Косово, Австрија… Дино Имери е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот европски пијано натпревар одржан во Нормандија, Франција, а еднакво е успешен во својата родна земја. Во 2013 година се здобива со највисокото домашно признание за класична музика – наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“. Во 2015 година го добива признанието „Лауреат на фондацијата Томислав Зографски“, доделена од истоимената фондација за промоција на македонските композитори во земјата и во странство. Во 2010 година Дино Имери потпиша двегодишен договор со Европската пијано програма – проект што му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска… Во 2013 година го издава своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со оркестарот за снимање филмска музика „Фејмс“. Редовно одржува рецитали, а е активен и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли.
Koстадин Богданоски е еден од најреномираните виолинисти на македонската класична сцена. Тој е роден во уметничко семејство, на рана возраст започнува да учи виолина и на само десетгодишна возраст премиерно настапува со оркестарот на Македонската филхармонија. Како млад талент е добитник на повеќе домашни и меѓународни признанија. Богданоски дипломира на 20-годишна возраст на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како најмлад дипломиран студент во дотогашната историја на Универзитетот. Високото образование го продолжува на Националниот конзерваториум во Тулуз, Франција во класата на проф. Благоја Димчевски, стекнувајќи се со Почесна диплома со златен медал. Во текот на образованието има можност да соработува со значајни професорски имиња како проф. Анатоли Шварцбург од Приватната музичка школа „Мосер“ во Германија, проф. Петру Мунтеану и проф. Дејан Михајлович од Музичката академија во Белград. Професионалната музичка кариера ја започнува во Националниот оркестар „Де Капитол“ во Тулуз, Франција под диригентската палка на познатиот Мишел Пласон. Во 2003 година на 25-годишна возраст станува концерт-мајстор во една од најреномираните оперски куќи Големиот театар „ Лицеу“ во Барселона, Шпанија, а како дел од оркестарот на „Лицеу“ музицира под диригентската палка на светски познати диригенти и има можност да соработува со светски познатите оперски пејачи меѓу кои и Пласидо Доминго, Роландо Вилазон и Едита Груберова. Од 2008 година работи и како професор во Академскиот оркестар во рамките на театарот „Лицеу“. Костадин свири на инструмент изработен од неговиот татко Светозар Богданоски.
Марија Ѓошевска е еден од најистакнатите пијанисти во Република Македонија. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов. Таа е добитник на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и како камерен музичар настапува на сите реномирани фестивали во Македонија, но и надвор од неа, и тоа во: САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн. Настапува како солист со Македонската филхармонија, а значајни се и концертите со Симфонискиот оркестар во Дубровник, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал „Охридско лето”, соработувајќи со повеќе домашни и странски диригенти. Често настапува како камерен музичар и пијано–соработник со истакнати инструменталисти. Ѓошевска е еден од македонските учесници во проектот „Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Македонија. Во 2011 година одржува целовечерен рецитал на фестивалот „Пијано плаж фестивал“ во Вистреам, Франција. Во април 2016 година се закитува со престижната награда „Виртуози” за најдобар музички изведувач во 2015 година. Марија Ѓошевска е редовен професор на Катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Концеротот во рамки на Вечерта на македонските виолинисти ќе започне во 20 часот и 30 минути.