Фестивалот „Охридско лето“ заедно со младите од иницијативата „Детски свет“ денеска го одбележаа 12 август – Меѓународниот ден на младите. Преку различни културни содржини креирани од младите,како што се изложба, театар, музика…, целта на проектот е да се приближат високите уметнички вредности до најмладата публика.
Вероника Станоевска е ученичка во средното медицинско училиште „ Панче Караѓозов“ во Скопје. Таа се вклучи во проектот преку нејзината професорка по музичко образование.
– Голема е честа и задоволството што сум дел од овој денешен настан. Денеска е Денот на младите, 12 август. Сметајќи ги младите како една важна социјална група во општеството ценам дека треба на еден фин и пред се’ културен настан да им се одбележи денот. Овој ден првпат се одбележува во Република Македонија токму преку фестивалот „Охридско лето“.
Ана Бушева е ученичка во средното општинско училиште „Јане Сандански“ од Струмица. За денешното доаѓање во Охрид на сцената „Долни Сарај“, вели дека е голем предизвик.
– Нашето училиште ќе се претстави со осум песни односно 45-минутна програма, пред се’ рок-ен рол музика, вели младата струмичанка.
Петар Петрушев и Ангела Наумовска од техничкото училиште „Михајло Пупин“ од Скопје се вклучени во иницијативата „Детски свет“ така што ги снимаат и документираат активностите на проектот.
– На некој начин правиме кус документарен филм со кој понатаму ќе се промовираме. Двајцата се вклучивме преку нашето училиште. Најпрво бевме викнати во Зоолошката градина каде што имавме активности со извидниците и со уште неколку организации. Имавме игри, учествувавме и во радио-емисии, вели Петрушев.
Учениците од „Михајло Пупин“ велат дека учеството во „Детски свет“ им претставува и еден вид практика што ќе ја искористат во текот на нивниот образовен процес.