Вечерва започнува драмската програма со претставата Сестрите Прозорови
Со театарската претстава Сестрите Прозорови (случај) во изведба на Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ – Велес, вечерва започнува драмската програма на годинешното јубилејно издание на Охридско лето.
Претставата работена по мотиви на „Три сестри“ од Чехов, ќе се игра во Предворјето на црква Св. Софија со почеток од 21 часот.
Сестрите Прозорови (случај) е коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев
Улогите во претставата ги толкуваат Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски.
„Случајот на Сестрите Прозорови, театрализиран во оваа претстава инспириран е од ужасот кој се случувал од 1946 до 1958 година во Алабама САД.
Хенри Т. Џонс, по самоубиството на неговата сопруга Мелани, извршено со истрел од пиштол во глава, ги затворил своите 3 ќерки, Тара 11 години, Мери 7 години и Ирма 4 години, во подрумот од својата куќа.
Пријавуваќи ги пред надлежните органи за исчезнати, дал исказ дека е возможно нивната мајка да ги убила пред да се самоубие и ги сокрила телата. Алибито успешно го спроведувал полни 12 години. Тој ги држел затворени во подрум во својата куќа се до својата ненадејна смрт во сообраќајна несреќа во 1958 година, излетувајќи со автомобилот во провалија.
Тогаш, при вршење увид во домот на несреќно загинатот Хенри, полицијата ги пронашла трите одамна исчезнати сестри. Кога излегле од подрумот, Тара имала 23 години, Мери 19, а Ирма 16. Се претставиле како Олга, Маша и Ирина Прозорови, ќерки на покојниот полковник Прозоров. Спиеле на земјен под, биле врзани со метални синџири фиксирани на подрумските ѕидови кои им го ограничувале движењето, вршеле физиолошки потреби во истата подрумска просторија. Татко им ги бањал со црево, фрлајќи им еден сапун.
Покрај храна вода и оскудната облека единствена работа која ја имале кога биле пронајдени, била пиесата на Чехов „Три Сестри“ .
Тука почнува случајот на „Сестрите Прозорови“
Сашо Димоски
Сашо Димоски (Охрид, 1985, доктор по драмски уметности) е македонски писател и драмски уметник. Од своето деби во 2015 создал портфолио кое обединува преку педесет наслови изразени во прозни книги, драмско и балетско авторство, раскази, радио и ТВ продукции, театролошки есеи и научни истражувања. Се издвојуваат следниве публикации: „Дневникот на Хулиганот“ (Култура, 2015, проза адаптирана за сцена во Македонската опера и балет), „Алма Малер“ (2016, роман, адаптиран за сцена во МНТ, преведен на српски и англиски јазик), „Петтото годишно време“ (Култура, 2017, роман, награден со Рациново признание, преведен на албански јазик), „Ние, Другите“ (Култура, 2016, книга собрани драмски текстови изведени на сцена), „Заспаните убавици“ (Култура, проза, 2018),„8/4“ (Култура, 2020, театролошка книга). Се издвојуваат следниве драмски текстови: „Федра“ (СМГ Љубљана, НТ Џинот, Велес, 2016), „Медеја“ (ФАД Стоби, 2017), „Ана Комнена“ (НТ Џинот, Велес, 2017), „Парламентарки“ (НТ Охрид, НТ Ниш, 2017), „Шумата на моето дрво“ (НТ Џинот, 2017), „Госпоѓиците од Авињон“ (Македонски народен театар, 2017), „Кралските копилиња“ (НТ Џинот, 2018), како и петнаесет адаптации за сцена. Се издвојуваат и два текстови за кореограф: „Црвената соба“ (МОБ, 2016) и „Дервишот и смртта“ (ХНК Сплит, 2017). Раскази, театролошки студии и драмски текстови му се објавени во неколку хрестоматии дома и во странство. Лауреат е на Еуродрам 2020 со драмскиот текст Помеѓу змејот и неговиот бес. Неговата уметност била претставена на преку триесет фестивали во регионот и пошироко, на кои дел од продукциите биле и наградени.
Васил Зафирчев (1980, Велес) актер и режисер. Еден од најдобрите актери и водечки драмски уметници во Македонија. Дипломирал во 2002 година на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Настапувал во повеќе театри во Македонија, како Македонскиот Народен Театар, Драмскиот Театар, театрите во Велес, Прилеп и Струмица и Македонската Опера и Балет. Остварил повеќе од 100 улоги во театар, телевизија и на филм. Добитник е на сите престижни актерски награди во Македонија, меѓу кои и на највисокото актерско признание „Ристо Шишков“, како и на повеќе меѓународни театарски награди. Носител е и на највисокото признание на Град Велес „9-ти Ноември“, за афирмација на Велес во областа на културата и уметноста. Режисер е на неколку успешни авторски проекти во театар и на филм, како „Пијанистот“, „Х-Хамлет“, „Елегија за тебе“, „Дневникот на хулиганот“, „Алма Малер“ и „Сестрите Прозорови“. Денес е член на ансамблот и уметнички директор на Театарот „Јордан Х.К.-Џинот“ во Велес.
Адаптација и драматургија: Сашо Димоски
Костимографија: Раде Василев
Сценографија и музичко обликување: Васил Зафирчев и Сашо Димоски