Во „Света Софија“ пијано – концерт на дуото Варбанов-Тарли

Концерт за пијано ќе се одржи вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

Ќе настапат пијанистот Иво Варбанов од Бугарија и италијанската уметница Фиамета Тарли. На репертоарот на вечерашниот концерт се дела од Јоханес Брамс и Игор Стравински.

Бугарскиот пијанист Иво Варбанов е еден од најпознатите претставници на бугарската музичка култура во светот. Пијаното започнал да го изучува на шестгодишна возраст под менторство на Елеонора Карамишева. Во понатамошното негово школување му помогнале видни пијанистички имиња, какo: Рикардо Бертацоло, Илонка Декер, Суламита Ароновски, Франк Вибот, а се усовршувал и на мајсторските курсеви на Александар Лонквич, Бери Даглас и Лев Наумов. Варбанов има богата дискографија, а во 2014 година, заедно со неговата сопруга Фиамета Тарли, основа и своја издавачка куќа – ICSM Records. Настапува како солист и камерен музичар со голем број истакнати артисти. За промоција на бугарската музика надвор од границите на земјата, Варбанов е добитник на наградата „Иван Вазов“, а во 2011 година ја добива и наградата „Сребрен лав“ што ја доделува Министерството за надворешни работи.

Фиамета Тарли се запознава со пијаното на петгодишна возраст благодарение на италијанскиот пијанист Џампиеро Семераро, а на само 9 години го одржува својот прв концерт. Дипломира на Конзерваториумот во Фиренца, под менторство на истакнатите професори: Марија Типо, Лидија Рочети Пецати и Илонка Декер. Вокална и инструментална камерна музика пак, изучува на Кралската музичка академија во Лондон. За време на својата активна изведувачка и образовна дејност, Тарли успева и да магистрира и да докторира на полето на музикологијата на Кралскиот колеџ во Лондон. Редовно настапува во Италија, Германија, Бугарија, Словачка, Унгарија, Шпанија, Турција и Велика Британија. На полето на камерната музика често настапува со својот сопруг Иво Варабанов.