Завршен концерт од Меѓународниот семинар за пијано и виолина, виола и камерна музика

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ денеска ќе се одржи завршен концерт од Меѓународниот семинар по пијано и виолина, виола и камерна музика.

Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан, постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Хрватска, a од 2013 година се одржува во Охрид во организација на Музичката младина на Македонија, а со поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија. Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија.

Традиционално се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и годинава тие ќе се претстават со концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Пијанистката Тамила Гулиева дипломира и магистрира со почести на Музичката академија во Баку (Азербејџан), а продолжува да се усовршува на Универзитетот „Фолкванг“ во Есен, каде од 2007 година е ангажирана и како предавач. Гулиева е добитничка на повеќе награди, меѓу кои прва награда на Фестивалот за млади пијанисти и награда за Најдобар пијано-соработник во 1999 година. Како солист настапува рецитално и со симфониски и камерни оркестри, а е официјален пијано-соработник на мајсторските курсеви на Мстислав Ростропович, Табеа Цимерман, квартетот „Форе“ и др.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 17 часот.