Жбогар: Чест и задоволство ми е што ЕУ е партнер со „Охридско лето“

„Веруваме во културната размена и градењето мостови помеѓу културите. Среќни сме што сме овде и со млади германски музичари, саксофонисти, со кои се надевам дека ќе уживате“, изјави амбасадорот на Европската унија во  Република Македонија, Самуел Жбогар, синоќа пред почетокот на Европската вечер на фестивалот „Охридско лето“.

 „Како и секогаш, така и сега, големо е задоволството да се биде во Охрид. Градот е прекрасен и ја користам секоја пригода да се вратам тука. Вечерва уште еднаш изразувам  чест и задоволство што сме партнери со фестивалот „Охридско лето“. Веќе десет години соработуваме и носиме европски музичари за овдешната публика“, изјави Жбогар.

 
 Според евроамбасадорот,  Охрид нуди музичари од светски ранг кои во светот ја презентираат традицијата преточена во уметност.
 „Кога станува збор за културата, сакам и музика и театар, но и други уметности. Сум сретнал неколку уметници од Охрид и верувам дека сте среќни што имате млади и енергични луѓе во градов кои имаат амбиции да ја чуваат традицијата, да ја преточат во уметност и да ја презентираат во светот“, рече амбасадорот на ЕУ во РМ Самуел Жбогар.