Звуци од четири гитари синоќа ја исполнија црквата „Света Софија“
Незаборавно музичко патување со четири гитари приреди синоќа италијанскиот квартет „Апеирон“ за многубројната публика на фестивалот „Охридско лето“.
Врвните гитаристи од овој ансамбл, Влатко Боцевски, Вјекослав Црнобори, Микеле Амбрози и Рафаеле Пизано кои се звучни имиња на европската класична сцена, придонесоа и синоќешната фестивалска вечер како и претходните, да биде исполнета до последно место, а вљубениците во класичната музика да поминат прекрасни мигови кои ќе ги паметат долго.
Во овој европски гитарски квартет членува и извонредниот македонски уметник Влатко Боцевски кој не го криеше задоволството што по многу години поминати како слушател на концертите на „Охридско лето“, годинава првпат доаѓа, но како гитарист на концертниот подиум.
-Првпат сме на „Охридско лето“ и мислам дека подобра шанса за настап во Македонија од оваа нема. Израснав тука, гледајќи ги концертите на фестивалот, така што ми е многу мило што сум дел од овој фестивал. На вчерашниот концерт се претставивме со композиции од 20-от век, напишани оргинално за четири гитари, Лео Бровер, Хосе Антонио Чик и Паоло Белинати. Единствените две транскрипции беа Морис Равел со „Павана за мртвата принцеза“ и Хеитор Вила Лобос, вели Боцевски.
На вчерашниот репертоар беше изведена и композицијата „Двоен стандард“ од Дејвид Досет што е напишана специјално за квартетот „Апеирон“.
– Гледаме секогаш да се прилагодиме на публиката. Бидејќи „Охридско лето“ е летен фестивал, внимававме на тоа да свириме соодветни композиции кои се достапни и приемчиви за сите и да воспоставиме комуникација со публиката што се надевам и успеавме, вели Црнобори.
Според него, иако уметниците од овој ансамбл доаѓаат од различни земји, сепак, ги обединува љубовта кон музиката.
-Базата на квартетот е во Трст. Јас сум од Хрватска, имаме двајца Италијани, Влатко е од Македонија и всушност, тоа е една убава приказна што му дава потполно друга димензија на квартетот. Секој од нас доаѓа од различна култура, со различни идеи, и токму тоа е интересно зашто сме различни, а делиме едно исто, љубовта кон музиката која е основата да свириме заедно, додава Црнобори.
Квартетот гитари „Апеирон“ е присутен на музичката сцена повеќе од 18 години и нивните концертни активности се насочени кон откривање и промовирање на оригинален репертоар за четири гитари, истовремено мотивирајќи ги композиторите да пишуваат дела за ваква музичка формација.