Алиса Садикова, харфа (Русија/САД)
Алиса Садикова – харфа
Алиса Садикова е редок пример на талентиран харфист, а нејзиниот уметнички раст е видлив уште од раната возраст кога дебитирала на светската музичка сцена. Родена е во Санкт Петербург и започнува да учи хафра во класата на Карина Малееве во Специјалната школа за талентирани деца при Конзерваториумот „Н. Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург. Образованието го продолжува како стипендист на Фондацијата „Салви“ во школата „Кембриџ музика мунди“ во Белгија, во класата на Кетрин Мишел, а потоа и на престижната школа „Џулијард“ во САД каде дипломира во 2025 година. Во моментот е запишана на постдипломски студии во класата на Ненси Ален на „Џулијард“ со стипендија од Фондацијата „Ковнер“.
Нејзината меѓународна кариера започнува во 2010 година кога како победник на првиот натпревар на кој настапила, добива можност да настапи во „Карнеги Хол“ во Њујорк и да оствари турнеја од 10 концерти низ САД. На само 10-годишна возраст дебитира како солист со оркестар под диригентската палка на Владимир Спиваков.
Еден од најзначајните настапи на Садикова е оној во 2025 година кога настапува во Операта во Тел Авив како солист со оркестарот под диригентство на Константин Орбелијан. Истовремено, таа е најмладиот полуфиналист на Израелскиот меѓународен натпревар за харфисти во 2018 година. Во нејзината биографија се впишани повеќе од 20 први награди од интернационални натпревари што ја прави една од најнаградуваните харфистки на денешницата, со две награди од Скандинавскиот натпревар за инструменталисти во 2023 година, награда на Меѓународниот натпревар „Клара Шуман“, добитничка на наградата „Јури Темирканов“ во 2012 година и „Млад талент на Русија“ во 2018 година.
Како солист настапува во преку 25 земји низ светот со оркестри и рецитално во концертни сали како Виенската државна опера и Минхенскиот „Гастајг“, а е специјален гостин на Светските конгреси на харфисти во Сиднеј (2014) и во Хонг Конг (2017). Надвор од класичната музичка сцена настапува на светската турнеја со Сара Брајтман и издава пет албуми, меѓу кои и соло албумот „Соѕвездие на харфата“. Нејзините настапи се високо оценети од стручната музичка критика и таа е амбасадор и официјален уметник на производителите на харфи „Лион и Хили“ и на Фондацијата „Салви“, што е уште еден доказ за нејзиното високо место во светот на харфистите.
