Вечер на барокна музика
Цветанка Созовска – чембало
Цветанка Созовска е родена во 1975 година во Скопје. Започнува да учи пијано на 7-годишна возраст и основното и средното музичко образование ги завршува во класата на проф. Кармен Костова во МБУЦ „Илија Николовски-Луј”.
Во 1996 дипломира во класата на проф. Борис Романов на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со својот среден успех на студии од 10.0 таа е прогласена за Најдобар дипломиран студент на својата генерација на ФМУ – Скопје и на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”.
Се усовршува на Кралскиот конзерваториум во Хаг, Холандија, каде специјализира чембало и барокна музика на одделот за стара музика. Во класата на светски признатиот холандски чембалист и фортепијанист Жак Ох, таа ги заокружува додипломските и постдипломските студии по чембало и во 2002 година се стекнува со титулата – магистер по музика.
Како солист и како камерен и оркестарски музичар, таа има настапувано на бројни концерти низ цела Европа и во Јужна Кореја. Член е на Барокниот оркестар на Европската Унија во сезоната 2002-2003 и работи со врвни музичари како Фабио Бјонди и Рајнхард Гебел. Како корепетитор, во 2004 година таа е дел од тимот при Летниот фестивал „Каза де Матеуш” во Португалија, а со барокниот ансамбл „Барок опера Амстердам” остварува турнеја низ Франција. Таа е професор по чембало и басо континуо на Летната музичка школа во Бургос, Шпанија во 2009 година.
Цветанка Созовска е чембалист на Оркестарот од Кадакеш во Шпанија, на проектот под диригентската палка на легендарниот сер Невил Маринер. Под водство на најпознатиот светски барокен музичар, со холандско потекло, Франс Брухен, Цветанка е корепетитор и заменик-диригент при долготрајната продукција на операта „Les Indes Galantes” од Жан Филип Рамо во Полска и во Холандија.
Таа е дел од Интернационалниот барокен оркестар на Исланд, со кој често настапува на проекти во Рејкјавик и на Исланд.
Со нејзиниот матичен барокен ансамбл „Театро ала мода” таа настапува редовно во Холандија и пошироко, а во 2005 година гостува дури и во Скопје. Дел е и од ансамблот „Џардино Музикале” со кој редовно изведува камерна и оркестарска музика низ Холандија.
Цветанка Созовска живее и работи во Хаг повеќе од 20 години каде е корепетитор на чембало на одделот за историска изведба при Конзерваториумот во Утрехт, Холандија. Во истиот град таа е професор по чембало во Утрешкиот центар за уметности. Повеќе од 15 години таа е и професор по пијано во музичкиот оддел при Интернационалното училиште на Хаг.
Таа е многу активна и како хорски диригент и работи со хорови од најразлични жанрови и возрасти. Таа е дел и од стручното жири на Натпреварот за млади таленти, кој секоја година се одржува во Хаг.

Владимир Костов – виолина
Владимир Костов дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Михајло Куфујонакис, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и др. Посетува мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи“ Квартет (Шведска), „Артемис“ Квартет (Германија) и квартетот „Миро“ (САД).
Владимир Костов по пат на аудиција повеќе пати е избиран да членува во Светскиот оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти и солисти и остварувајќи концерти во некои од најпознатите концертни сали во светот. Настапува и со оркестарот Исток-Запад во Алтенбург (Германија), а во периодот 2000-2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ.
Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, Камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, основач е на клавирското трио „ВАМ“, редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија и на Ансамблот за современа музика „Кон Темпора“ . Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, со камерниот оркестар „Профундис“, како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија и во Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија , Хрватска, Полска, САД…Член е и концерт мајстор на меѓународниот оркестар ,,Nо Borders’’ со кој на концертната турнеја во 2021 година настапува и како сoлист.
Тој е основач на Фестивалот за млади виолинисти „Виолин Фест“ и е добитник на наградата „Георги Божиков“.
Владимир Костов работи како концерт мајстор во Македонската филхармонија и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
