Candlelight concert

Камерен оркестар „ПРОФУНДИС“

Камерниот оркестар „Профундис” е формиран во 2019 година од страна на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Во него членуваат некои од најистакнатите македонски инструменталисти од повеќе различни генерации. Идејата на „Профундис” е да се создаде висококвалитетен професионален ансамбл кој покрај изведбите на капитални дела, ќе поставува праизведби на дела од современи автори од класичната музика, да биде во функција на македонските врвни изведувачи, како и на македонските современи автори, да носи светски имиња од светот на класичната музика како солисти и да ги поместува границите на креативноста како во смисла на изведбата, така и во смисла на сценскиот настап.

Оркестарот „Профундис” низ својата активност ќе забележи исклучително успешни концерти сo светски познатите солисти како виолинистите: Стефан Миленковиќ, Роман Симовиќ, Јован Богосављевиќ, Ирина Мурезану и Марио Хосен; виолончелистите: Петар Пејчиќ и Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки; Огњен Поповиќ – кларинет; Џузепе Нова – флејта; Даниеле Ајело – гитара; Антонио ди Кристофано – пијано; како и со македонските солисти: Владимир Костов, Ана Кондратенко, Благој Нацовски, Ема Попивода, Наде Талевска, Марија Ѓошевска, Славица Мицовска, Бранко Павловски, Љубиша Кировски и др.

Од интернационалните настапи на „Профундис” вредно е да се споменат настапите во: Белград – Коларац, Нови Сад – Синагога, Софија, Котор, Сараево, Мостар, Тузла, Италија – Соренто, како дел од престижните фестивали за класична музика како што се: „Котор Арт“, „Софиски музички седмици“, фестивалот во Соренто и Фестивалот „Раванелиус“. Со свои настапи  „Профундис“ е активен учесник и на домашните фестивали како што се: „Охридско лето“, „Денови на македонската музика”, „Битфест”, „Есенски музички свечености”, „Златна лира” и „Скопско лето”.

Познати по својата оригиналност и креативност, камерниот оркестар „Профундис” реализира и концерти кои излегуваат од рамките на стандардниот класичен формат, меѓу кои се издвојуваат концертниот спектакл насловен “Groove” кој беше обоен со целосен 3D-мапинг, концертниот спектакл “Candlelight” – концерт под свеќи, соработката со Белградскиот камерен оркестар „13 гудачи” со кој се фузираа во еден оркестар, како и поставувањето на операта „Свадбата на Фигаро” од В. А. Моцарт во соработка со „Балкан опера студио“.

 

Ѓурѓица Дашиќ – диригент

Ѓурѓица  Дашиќ дипломира на Факултетот за музичка уметност на одделот – оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Од 2008 година е вработена во Македонската опера и балет како хор-мајстор. Учествува во поставувањето и во одржувањето на целокупниот репертоар во Македонската опера. Соработува со голем број истакнати диригенти во улога на соработник и на асистент-диригент, меѓу кои и Емил Табаков, Џанлука Мартиненги, Енрико Довико, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Урош Лајовиц и со многу други.

Како оркестарски диригент, во својата матична куќа ги диригира оперите „Рита“ од Г. Доницети, „Севилскиот берберин“ од Џ. Росини и традиционалниот концерт Млади оперски надежи „Коста Трпков“. Активно учествува во подготовката и во реализацијата како оркестарски диригент на првиот македонски мјузикл „Тајно моја“, во чест на Тоше Проески.

Во 2019 година го формира камерниот оркестар  „Профундис“ со кој активно работи  како негов уметнички раководител и диригент и реализира исклучително успешни соработки и настапи.   Под нејзиното водство, ансамблот брзо се наметна како еден од најрепрезентативните камерни состави во Македонија и во регионот. Оркестарот настапувал на престижни фестивали како: „Охридско лето“, „Есенски музички свечености“, „Златна лира“, „Денови на македонската музика“, „Sorrento Music Festival“, „Ravanelius“ и „KotorArt“, привлекувајќи внимание со високиот уметнички квалитет и оригиналните програмски концепти.

 

Стефан Миленковиќ – виолина

Еден од најпризнатите виолинисти на неговата генерација, Стефан Миленковиќ ужива углед на профилиран солист и рецитален уметник кој настапува на меѓународната сцена веќе долги години покажувајќи врвна професионалност и безгранична креативност.

Повеќепати застанува на сцените на престижниот „Карнеги Хол“ во Њујорк, како и во „Кенеди центарот“ во Вашингтон, „Кадоган хол“ во Лондон, „Сантори Хол“ во Токио, како и на повеќето подиуми на театрите во Италија како „Ла Фениче“ во Венеција, „Сан Карло“ во Неапол, и театарот „Петруцели“ во Бари. Неговите настапи со оркестри ги вклучуваат: Симфонискиот оркестар во Индијанаполис, Берлинскиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар „Орфеус“, Филхармонијата во Хелински под диригентските палки, на меѓу другите сер Невил Маринер и Лорин Мазел. Настапува пред видни личности и светски лидери, меѓу кои Роналд Реган, Михаил Горбачев и папата Јован Павле II. Миленковиќ е лауреат на повеќе интернационални натпревари како: Меѓународниот натпревар во Индијанаполис (САД), натпреварот „Кралица Елизабета“ во Белгија,  „Родолфо Липицер“ и Премио „Паганини“ во Италија, натпреварот „Лудвиг Шпор“ во Германија и натпреварот „Јехуди Мењухин“ во Велика Британија.

Во сезоната 2025/26 Стефан ќе настапува на турнеја со оркестарот на Северна Холандија со кој ќе настапи во „Концертгебау“ во Амстердам, ќе биде солист со Симфонискиот оркестар на РАИ во Торино, со „Помериџи Музикали“, со Оркестарот на РТВ Словенија и со оркестарот „Профундис“.

Редовно настапува на фестивали насекаде низ светот, а неговата дискографија вклучува албуми со делата на Бах и Паганини за издавачката куќа „Динамик“, како и снимки за ПГП и за РТВ „Сло класикс“. Музичар со бројни стилски и жанровски интереси, Стефан Миленковиќ соработувал со Греми номинираниот рок-бенд „Горилаз“, како и со Един Карамазов и со триото на Влатко Стефановски.  Тој е посветен и на педагошката работа и повеќе од две децении работел заедно со Исак Перлман на „Џулијард“ во Њујорк, како дел од Музичката програма „Перлман“, а држел и позиција на професор на Универзитетот на Илиноис во Урбана-Шампањ.      Во моментов Стефан Миленковиќ е уметнички директор на новата концертна сала во Нови Сад, како и професор на Универзитетот во Нови Сад.
Свири на виолина изработена од Џовани Батиста Гуадањини во 1783 година.

  • 00

    days

  • 00

    hours

  • 00

    minutes

  • 00

    seconds

Date

06 Авг 2026

Time

21:00

Cost

MKD600.00

Labels

музичка програма

Location

Предворје на Св. Софија
Предворје на Св. Софија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *