Камерен оркестар на НОБ

Камерeн оркестар на Националната опера и балет

 

Камерниот оркестар на Националната опера и балет е формиран во 2010 година и е составен од истакнати музичари и солисти на Оркестарот на НОБ, под уметничко водство на маестро Саша Николовски-Ѓумар, подоцна под диригентската палка на маестро Џанлука Мартиненги од Италија и маестра Бисера Чадловска.

Во своето постоење, Камерниот оркестар на НОБ има забележено гостувања во Виена, на Штад Фест Виен (Stad Fest Wien) во 2010 година, како дел од класичниот дел на фестивалот со настап на Михаелплац, „Скопско лето“, концерт во Пловдив, Бугарија, настап во престижната концертна сала Groser Ehrbar Saal во Виена и др. Како солисти со Камерниот оркестар на НОБ настапувале Елена Мисиркова Лоза – пијано, Илија Зимбов – флејта, Горјана Стојановска – пијано. Во својата програма, Камерниот оркестар на НОБ најчесто настапувал со дела од македонските автори како, Властимир Николовски, Благој Цанев, Гоце Коларовски, Драган Шуплевски, Дамир Имери, Ристо Аврамовски и др.

 

 

Бисера Чадловска – диригент  

Бисера Чадловска е родена во Скопје во 1978 година. Дипломира оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Фимчо Муратовски, а постдипломските студии одлучува да ги продолжи во Софија, на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“, во класата на професор Пламен Џуров каде магистрира со највисоки оценки.

По завршувањето на образованието, почнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет. Како талентирна млада диригентка, станува стипендист на фондацијата CEE Eastern Musiektheater. Набргу започнува да работи и како асистент диригент и понатаму диригент на голем дел од оперските и балетските претстави на репертоарот на МОБ и станува прв диригент на Македонската опера и балет.

Во Македонија редовно настапува и со Македонската филхармонија. Како гостин диригент настапувала со Сараевската филхармонија, Црногорскиот симфониски оркестар, Нишкиот симфониски оркестар, како и во државните оперски куќи во Пловдив и во Варна (Бугарија) и во Батуми и во Кутаиси (Грузија). Како диригент учествува во поставувањето на првиот лиценциран мјузикл во Македонија, „Чикаго“, на сцената на Македонскиот народен театар. Повеќе пати настапува на фестивалот „Охридско лето“, а во 2021 година настапува на свеченото отворање на фестивалот.

Од 2017 до 2020 година ја извршува функцијата уметнички раководител на Операта при Националната опера и балет. Од 2022 до 2024 година ја извршува функцијата музички селектор на фестивалот „Охридско лето“. Во јуни 2022 година е избрана за доцент на Факултетот за музичка уметност.

Добитник е на наградите: „Георги Божиков“, за континуирана изведба на дела од македонски композитори во 2015 година, Музичко-сценски уметник на годината во 2015 година и наградата „13 Ноември“ од областа на уметноста во 2019 година, која ја доделува Град Скопје. Во 2023 година е избрана за жена на годината.

Оперскиот и балетскиот репертоар на диригентката Бисера Чадловска е разновиден и брои голем број наслови. Сите тие првенствено се изведени нa сцената на нејзината матична куќа, Националната опера и балет.

  • 00

    days

  • 00

    hours

  • 00

    minutes

  • 00

    seconds

Date

23 Јул 2026

Time

21:00

Cost

MKD300.00

Labels

музичка програма

Location

Црква Св. Софија
Црква Св. Софија
Цар Самоил 88, Охрид 6000

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *