
Национален џез оркестар – Република Северна Македонија; Со Шеон Кути – саксофон, вокали – Нигерија
Диригент: Џијан Емин, Македонија
Националeн џез оркестар
Шеон Кути – вокал, саксофон
Националниот џез оркестар е резултат на напорите на врвните џез-музичари од земјава со интернационална кариера, студенти и професори од џез-академиите во Скопје и Штип, како и на бројните љубители и поддржувачи на џез-музиката во Македонија.
Како национална установа постои од 2024 година, а почетоците и првите биг-бенд концерти датираат од 2016 година, во рамките на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.
Мисијата на оркестарот е да ја обедини и збогати македонската џез-сцена преку афирмација и популаризација на џез-музиката, како во земјава, така и на меѓународно ниво. Целта на оркестарот е да ја подобри музичката продукција, да едуцира млади таленти и нова публика, и да организира настани кои ќе помогнат во негувањето на џез-културата и културата, воопшто.
Концертот на Националниот џез оркестар на „Охридско лето“ е во придружба на познатиот нигериски музичар, пејач и текстописец Шеон Кути, познат по своите атрактивни изведби и социјално свесна музика. Најмладиот син на пионерот на афробитот, Фела Кути, поголемиот дел од својот живот го помина зачувувајќи го и продолжувајќи го политичкото и музичкото наследство на неговиот татко како водач на бендот „Еџипт 80“ (Egypt 80).
Неговата дискографија со бендот вклучува 5 албуми од кои последниот Heavier Yet (Lays The Crownless Head,) издаден минатата година, е продуциран од Лени Кравиц.
Шеон Кути е номиниран за наградата „Греми“ во 2018 година и често соработува со врвни џез-музичари.
На програмата ќе бидат изведени авторски композиции од богатото творештво на Шеон Кути, со аранжмани специјално направени за изведба со биг-бенд оркестар.