Промоција на монографијата „Ана Липша-Тофовиќ”
ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈАТА
„АНА ЛИПША-ТОФОВИЌ“
НА АВТОРИТЕ СНЕЖАНА АНАСТАСОВА ЧАДИКОВСКА И АЛЕКСАНДАР ТРАЈКОВСКИ
Монографијата е посветена на јубилејот – 100 години од раѓањето на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ (1926-2012), голема уметница, носител на алтовскиот и мецосопранскиот фах, која во македонската музичка историја ќе остане запишана како еден од основополжниците на Македонската опера и втемелувач на фестивалот „Охридско лето“.
Книгата, која минуциозно го обработува нејзиниот животен и уметнички пат, презентира сеопфатна анализа на сите нејзини оперски улоги (Кармен во истоимената опера, Орфеј во „Орфеј и Евридика“, Мадам Флора во „Медиум“, Амнерис во „Аида“, Ацучена во „Трубадур“, Далила во „Самсон и Далила“, Адалџиза во „Норма“, Марија во „Цар Самоил“, Божана во „Разделба“ итн.), како и темелна вивисекција на програмските содржини на нејзината концертна актива (сочинета од изведба на голем број соло песни, вокални циклуси и ораторијални дела). Особено внимание монографијата му посветува на придонесот кој Ана Липша-Тофовиќ го остварува во поставувањето на основите и развојот на фестивалот „Охридско лето“, чија долгогодишна традиција започнува со нејзиниот солистички рецитал одржан на 4 јуни 1961 година во црквата „Св. Софија“ во Охрид.
Автори на монографијата се истакнатите музички педагози и публицисти м-р Снежана Анастасова Чадиковска и д-р Александар Трајковски, добитници на повеќе награди од областа на културата, публицистиката и педагогијата, со свој значаен влог во полето на македонското музичко книгоиздателство. Од нивната повеќегодишна соработка, досега се произлезени книгите „Зина Креља, сопран, првенка на Операта при МНТ“ (2018) и „Милка Ефтимова – Моето богатство“ (2020).

