Ренесансен хор
ГОТИК ВОЈСИС
Кетрин Кинг – мецосопран
Стивен Харолд – тенор
Џулијан Поџер – тенор
Симон Вајтли – баритон
Повеќе од 45 години ансамблот „Готик војсис“ е препознатлив по неговиот висок квалитет, рафинираност и спиритуалност во изведбата на средновековна музика.
Формиран е во 1980 година од музичарот Кристофер Пејџ. Ансамблот има снимено 30 носачи на звук за издавачките куќи „Хиперион“ и „Ави“, а за три од нив се добитници на престижната награда „Издание на годината“ од страна на музичкиот магазин „Грамофон“. Нивниот прв албум „Пердув на здивот Божји – химни и секвенци од Хлидегард од Бинген“ до денес е еден од најпродаваните албуми на средновековна музика на сите времиња, додека пак новите албуми „Непознат љубовник“ и „Лаурел за Ландини“ продолжуваат да се закитуваат со одлични критики.
Во Велика Британија ансамблот редовно настапува на фестивалите во Алдебург и Честер, на фестивалите за рана музика во Јорк и Бирмингем, а честопати гостуваат на меѓународните фестивали во Единбург и Челтнам. Нивните европски турнеи ги носат на фестивалите во Фландерс, Утрехт, Вормс, Штутгарт и Келн, како и на фестивалот „Вестфолд“ во Норвешка. Имаат остварено настапи во Израел, во САД и Јужна Америка.
Покрај нивниот репертоар посветен на средновековната и рана музика, „Готик Војсис“ исто така исполнуваат и современа музика, особено дела кои во себе содржат некаква средновековна асоцијација. Голем број од композиторите на денешницата се инспирирани или врз нив влијае средновековната музика, па така честопати ансамблот прави необични и експериментални програми во кои се вметнати нови дела наспроти традиционалните програмски определби.
„Готик Војсис“ имаат цел да ја популаризираат средновековната музика, па така преку имагинативни програми тие го користат човечкиот глас на повеќе различни начини, со тоа креирајќи неверојатно убави изведби кои ја освојуваат публиката насекаде низ светот.
