Свечено отворање на Охридско лето 2026 „Љубов“ – гала концерт
ЕРМОНЕЛА ЈАХО – сопран
Ермонела Јахо важи за една од најзначајните оперски артисти на денешницата со кариера која се протега на сите континенти и во сите престижни оперски куќи во светот. Неодамна ѝ беше доделен орденот „Витез на уметноста“ за особен придонес во уметноста и културата во Франција, беше избрана за „Уметник на годината“ за 2023 година на Интернационалните награди за класична музика, Најдобар женски вокал на Оперските награди во Германија за 2024 година, и за најдобар странски артист на Оперските награди во Шпанија во 2024 година. Нејзините дискографски изданија исто така се повеќекратно наградувани во категориите за опера и за вокална музика. Јахо е амбасадор на Опера „Рара“ и на Опера за мир, а таа е и член на Академијата за науките и уметностите на Албанија.
Ермонела Јахо ги толкува главните женски улоги во оперите: „Травијата“, „Мадам Батерфлај“, „Адријана Лекуврер“, „Суор Анџелика“, „Таис“, „Луиза Милер“ и др. на сцените на Кралската опера во Лондон, „Метрополитен“ во Њујорк, во Државната опера во Берлин, театарот „Лисеу“ во Барселона, „Ла Скала“ во Милано, Виенската државна опера, оперите во Париз, Мадрид, Буенос Аирес, Минхен, Цирих, во „Арена ди Верона“ и др.
Ермонела Јахо е родена во Албанија и студирала на Конзерваториумот во Тирана и на Академијата „Санта Чечилија“ во Рим. По завршувањето на студиите победува на повеќе натпревари, а со тоа се отвораат вратите на нејзината интернационална кариера. Нејзиниот репертоар се протега од барок, па сè до бел канто и веризмо, а нејзините настапи ги одбележува исклучителна драмска идентификација со ликовите кои ги претставува на сцената, нешто што особено го истакнува стручната музичка критика.
Оваа сезона Ермонела Јахо се враќа на сцената на Кралската опера „Ковент Гарден“ во Лондон како Виолета во „Травијата“, а истата улога ќе ја повтори и во „Метрополитен“ во Њујорк, настапува во театрите во Мадрид, Виена и Рим, посветена е на нов дискографски проект со Симфонискиот оркестар на Би-би-си, а ќе биде издаден и новиот албум со француски и италијански песни од Гаетано Доницети снимен за „Опера Рара“.

Чарлс Кастроново – тенор
Сметан за еден од најдобрите лирски тенори на интернационалната сцена, Чарлс Кастроново настапува на водечките светски оперски сцени како: Кралската опера во Лондон, Националната опера во Париз, државните опери во Берлин и Виена, во Театро Реал во Мадрид, во Дојче опер во Берлин, во државната опера во Минхен, на сцената на Фестивалската опера во Салцбург и др.
Кастроново е роден во Њујорк и оперската кариера ја започнува на сцената на операта во Лос Анџелес, за потоа да биде поканет да стане еден од младите уметници кои се дел од Програмата за млади артисти „Линдеман“ при операта „Метрополитен“ во Њујорк.
Есента во 1999 година дебитира на сцената на оваа престижна оперска куќа во улогата на Бепе во премиерата на операта „Палјачи“ наспроти Пласидо Доминго. Покажувајќи уметничка посветеност и висок степен на интерпретација, тој го гради својот репертоар низ улогите на: Алфред Жермон во „Травијата“, Отавио во „Дон Џовани“, Родолфо во „Боеми“, Ромео во „Ромео и Јулија“, Де Грие во „Манон“, Руџеро во „Ла Рондине“, Пинкертон во „Мадам Батерфлај“, Родолфо во „Луиза Милер“ и др. Во последните неколку сезони во репертоарот ги додава и сложените „спинто“ тенорски ролји како: насловните улоги во „Ернани“ и „Дон Карло“, Маурицио во „Адријана Лекуврер“, Габриеле Адорно во „Симон Боканегра“, Рикардо во „Бал под маски“ и Џејсон во „Медеја“ и Марио Каварадоси во „Тоска“.

Марко Боеми – диригент
Диригентот и пијанист Марко Боеми е носител и на диплома по право од Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим. Неговата кариера која се протега повеќе од 35 години ја одбележуваат соработки со најголемите оперски ѕвезди како: Доминго, Павароти, Карерас, Нетребко, Брусон, Бечала, Тадеи, Ребека, Обрасцова, Бородина, Абдрзаков, Груберова, Григоло, Тезиер, Тетелман, Деси, Сабатини, Ричарели, Воле, Вилазон и многу други, а настапува на некои од најзначајните италијански и меѓународни сцени како: „Ла Скала“ во Милано и „Сан Карло“ во Неапол, во Римската опера и во повеќето оперски куќи и со симфониските оркестри во Италија, во Виенскиот „Концертхаус“, во салата „Шостакович“ во Санкт Петербург, во Ројал Фестивал Хол во Лондон, во Кралската опера во Мускат, во Центарот за уметности во Сеул, во Берлинскиот „Концертхаус“, во „Сантори хол“ во Токио, Концертгебау во Амстердам, Вигмор Хол во Лондон, салата „Гаво“ во Париз, театарот „Вјелки“ во Варшава, во Аудиториумот во Сарагоса, во Гранд театарот во Шангај, во операта во Будимпешта, во „Мегарон“ во Атина, на Фестивалот во Љубљана, со симфониските оркестри во Ерусалим и Тајпеј, со оркестарот на Театарот „Бољшој“, Финската опера во Хелсинки, операта „Хеликон“ во Москва и во центарот „Галина Вишњевскаја“.
Неговиот широк оперски и симофонски репертоар се наоѓа и на дискографските и видеоизданијата на издавачките куќи Филипс, Дека, Универзал и ТДК, на кои соработува со бројни признати вокални уметници. Особено негова љубов се т.н. „лид“ или циклуси на песни, а посветен е и на пренесување на знаењата на помладите диригенти, пијанисти и вокални уметници преку бројни мајсторски курсеви и семинари.
Во последните неколку сезони се издвојуваат неговите настапи на: гала-концертот на Ана Нетребко по повод нејзиниот 50-ти роденден во московскиот „Кремлин“ на кој како гости настапија Доминго, Вилазон, Воле, Салси, Абдразаков, турнејата во Јапонија со Пласидо Доминго, концертите со Виторио Григоло во Токио, Ријад, Москва и Равело, новите продукции на „Отело“ и „Боеми“ во Тајпеј, гала-концертот „Омаж на Павароти“ со Доминго и Карерас во Токио, концертите со Ана Нетребко и Јусуф Ејвазов во виенскиот „Концертхаус“ и во Линц, , новата продукција на „Мадам Батерфлај“ во операта „Хеликон“ во Москва, како и „Риголето“ во центарот „Г. Вишњевскаја“, новото ЦД со Марина Ребека и др.
Идните ангажмани го носат во Азија на гала-концерти со Пласидо Доминго во Токио и Осака, како и на семинари во Шангај и Шенжен, турнеја низ Кина со Доминго, концерти со Пјотр Бечала во Виена и во Линц, концерти со Ана Нетребко и Виторио Григоло и продукција на „Адријана Лекуврер“ во НОБ во Скопје.

Национална опера и балет – С. Македонија