Вечер на барокна музика

Цветанка Созовскачембало

Цветанка Созовска  е родена во 1975 година во Скопје. Започнува  да учи пијано на 7-годишна возраст и основното и средното музичко образование ги завршува во класата на проф. Кармен Костова во МБУЦ „Илија Николовски-Луј”.

Во 1996 дипломира во класата на проф. Борис Романов на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со својот среден успех на студии од 10.0 таа е прогласена за Најдобар дипломиран студент на својата генерација на ФМУ – Скопје и на  Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”.

Се усовршува на Кралскиот конзерваториум во Хаг, Холандија, каде специјализира чембало и барокна музика на одделот за стара музика. Во класата на светски признатиот холандски чембалист и фортепијанист Жак Ох, таа ги заокружува додипломските и постдипломските студии по чембало и во 2002 година се стекнува со титулата – магистер по музика.

Како солист и како камерен и оркестарски музичар, таа има настапувано на бројни концерти низ цела Европа и во Јужна Кореја.  Член е на Барокниот оркестар на Европската Унија во сезоната 2002-2003 и работи со врвни музичари како Фабио Бјонди и Рајнхард Гебел. Како корепетитор, во 2004 година таа е дел од тимот при Летниот фестивал „Каза де Матеуш” во Португалија, а со барокниот ансамбл „Барок опера Амстердам” остварува турнеја низ Франција. Таа е професор по чембало и басо континуо на Летната музичка школа во Бургос, Шпанија во 2009 година.

Цветанка Созовска е чембалист на Оркестарот од Кадакеш во Шпанија, на проектот под диригентската палка на легендарниот сер Невил Маринер.  Под водство на најпознатиот светски барокен музичар, со холандско потекло, Франс Брухен, Цветанка е корепетитор и заменик-диригент при долготрајната продукција на операта „Les Indes Galantes” од Жан Филип Рамо во Полска и во Холандија.

Таа е дел од Интернационалниот барокен оркестар на Исланд, со кој често настапува на проекти во Рејкјавик и на Исланд.

Со нејзиниот матичен барокен ансамбл „Театро ала мода” таа настапува редовно во Холандија и пошироко, а во 2005 година гостува дури и во Скопје.  Дел е и од ансамблот „Џардино Музикале” со кој редовно изведува камерна и оркестарска музика низ Холандија.

Цветанка Созовска живее и работи во Хаг повеќе од 20 години каде е корепетитор на чембало на одделот за историска изведба при Конзерваториумот во Утрехт, Холандија. Во истиот град таа е професор по чембало во Утрешкиот центар за уметности. Повеќе од 15 години таа е и професор по пијано во музичкиот оддел при Интернационалното училиште на Хаг.

Таа е многу активна и како хорски диригент и работи со хорови од најразлични жанрови и возрасти.  Таа е дел и од стручното жири на Натпреварот за млади таленти, кој секоја година се одржува во Хаг.

 

Владимир Костов – виолина

Владимир Костов дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Михајло Куфујонакис, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и др. Посетува мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи“ Квартет (Шведска), „Артемис“ Квартет (Германија) и квартетот „Миро“ (САД).

Владимир Костов по пат на аудиција повеќе пати е избиран да членува во Светскиот оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти и солисти и остварувајќи концерти во некои од најпознатите концертни сали во светот. Настапува и со оркестарот Исток-Запад во Алтенбург (Германија), а во периодот 2000-2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ.

Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, Камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, основач е на клавирското трио „ВАМ“, редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија и на Ансамблот за современа музика „Кон Темпора“ . Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, со камерниот оркестар „Профундис“, како и на повеќе фестивали и манифестации во  Македонија и во Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија , Хрватска, Полска, САД…Член е и концерт мајстор на меѓународниот оркестар ,,Nо Borders’’ со кој на концертната турнеја во 2021 година настапува и како сoлист.

Тој е основач на Фестивалот за млади виолинисти „Виолин Фест“  и е добитник на наградата „Георги Божиков“.

Владимир Костов работи како концерт мајстор во Македонската филхармонија и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

 

 

  • 00

    days

  • 00

    hours

  • 00

    minutes

  • 00

    seconds

Date

11 Авг 2026

Time

21:00

Cost

MKD300.00

Labels

музичка програма

Location

Црква Св. Софија
Црква Св. Софија
Цар Самоил 88, Охрид 6000

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *