Сонг Сихенг, пијано (Кина)
Сихенг Сонг – пијано
Кинескиот пијанист Сихенг Сонг е роден во Шангај во 1981 година и се смета зa еден од најдобрите пијанисти на неговата генерација. Студирал во Франција на Високата школа за музика во Париз во класата на Маријан Рубицки, а откако се стекнал со диплома за концертен пијанист, продолжува да студира на Парискиот конзерваториум со Оливие Гардон и приватно се усовршува со Доминик Мерле.
Сихенг Сонг е добитник на награди на Меѓународниот натпревар во Мароко, „Висеу“, на натпреварот во Португалија, на конкурсот „Гран при Анимато“, како и на натпреварите во Лидс и во Даблин. Тој е прв победник од кинеска националност на престижната награда на конкурост „Лонг-Тибо“ во 2004 година. Овие признанија му носат на Сихенг Сонг бројни можности за настапи низ целиот свет, и тоа во: Токио, Сеул, Пекинг, Шангај, Париз, Берлин и Њујорк. Настапува на фестивалите „Рок Антерон“ во Франција, фестивалот во Рур, Германија, Фестивалот „Бетовен“ во Бон, и фестивалот во Душники во Полска. Како солист со оркестар настапува со голем број оркестри во Франција, како и со оркестрите во Монте Карло, со Оркестарот „Хале“ во В. Британија, со Камерниот оркестар во Виена, со Кинеската филхармонија, со Филхармонијата во Хонг Конг и Новата jапонска филхармонија.
Сихенг Сонг бил член на жирија на повеќе натпревари, а бил и најмлад резидентен уметник на Шангајскиот Гранд театар. Од 2010 година тој започнува со нов тип на концерти во кој го комбинира стандардниот рецитален формат со мултимедија и досега има направено 5 такви проекти во кои прави спој на музиката и театарот, уметноста и литературата што придонесува кон доближување на класичната музика кон публиката на 21 век.

Програма:
К. Дебиси: Месечева светлина (од Свита бергамаск L.75)
В. А. Моцарт: Соната за пијано бр. 16 во C-dur, K.545
-Allegro
-Andante
-Rondo: Allegretto
Пејжун Чен: Есенска месечина врз мирното езеро
Сихен Сонг: Избор од Клавирски поеми од Земјата оп. 2
Light of the City of Shanghai
Nocturne
Étude
Ф. Шопен: 24 Прелудиуми оп. 28