Охридско лето ја поддржа националната кампања „Ги запознаеме ретките болести“

Охридско лето се приклучи на националната кампања „Ги запознаеме ретките болести“ која веќе трета година е во организација на Здружението за лица со ретки болести „Живот со предизвици“.
Во знак на поддршка на пациентите со ретки болести од синоќа сцената на Долни Сарај блесна во заштитните бои на кампањата, зелена, розева и сина.
„Со осветлување на сцената на Долни Сарај, како едно од најважните обележја на Охрид ќе дадеме мал допринос во оваа благородна идеја да се продолжи континуитетот на запознавање на општата популација со ретките болести како и да се даде поддршка на лицата кои се борат со ретките дијагнози. Ретки се но не се сами. Заедно сме посилни и можеме да направиме многу повеќе. Уметноста обединува, не прави посилни и токму затоа како најзначајна музичко-сценска манифестација сме горди што можеме да бидеме дел од еден вака значаен проект“, вели директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Долни Сарај ќе биде осветлен во боите на ретките болести се до крајот на февруари до кога и трае националната кампања за запознавање на ретките заболувања.
Како дел од активностите за осветлување на знаменитости и културно историски споменици претходно во боите на ретките светнаа Самуиловата тврдина, Подрачното одделение на Државниот архив и водите на Охридското Езеро.