РЕЦЕНЗИЈА: Радосен концерт на полна месечина – Кон Свечениот концерт за отворањето на шеесет и второто „Охридско лето“

Во богатата историја на „Охридско лето“, запишани се врвни имиња од светски уметници што биле дел од програмите на свечените отворања и концертите на фестивалот. Присуството на артисти од сферата на вокалната уметност, реномирани оперски уметници, пејачи од целиот свет, ја збогатуваат разноликата физиономија на најзначајната музичко-сценска манифестација во Македонија. Несомнено, енергијата на Ана Липша Тофовиќ, која во 1961 година го вдахна духот на фестивалот, се пренесува низ бројните „Охридски лета“  и ја води новата публика во очекување неоткриени оперски ѕвезди од сите меридијани. Елена Обрасцова, Хозе Карерас, Џеси Норман, Дмитри Хворостовски, Елина Гаранча, се само дел од оние кои со својот глас ги облагородија магичните сцени на Античкиот театар и црквата Св. Софија во Охрид. Уметниците доаѓаат во Охрид, ја даруваат публиката со своите интерпретации, но во исто време се напојуваат со уникатната убавина на нашиот бисер која инспирира и создава желба за повторно доаѓање.

Годинешново шеесет и второ „Охридско лето“, според востановенета традиција, на дванаесетти јули, на Петровден, започна со концерт на младите, но веќе афирмирани „Четири италијански тенори“, Оркестарот на Националната опера и балет од Скопје и диригентот Лоренцо Бицари од Италија. Првиот поглед кон програмата нè насочува дека овојпат уметничко-организациското раководство на „Охридско лето“ се определи за еден лежерен концепт што ќе допре до широк слушателски аудиториум и барем за миг ќе внесе ведрина и оптимизам кај повеќеилјадната публика во Античкиот театар. Без сомнение „Четирите италијански тенори“ ќе ги вброиме во големата низа следбеници на славните Павароти, Доминго и Карерас. Тие легендарни уметници, во деведесеттите години на минатиот век, „на голема врата“ на светот му донесоа едно ново толкување на оперската уметност. Тоа беше тенденција да се „изнесе“ операта од тесниот круг на старите европски театри, да ѝ се вдахне здивот на популарната музика преку познати забавни мелодии и на тој начин да се создаде една нова уметничка форма која наликува на ултра популарните мјузикли од Њујоршкиот „Бродвеј“, или пак шармантните “medley“ што ги приредуваат “fancy” пејачите на фестивалот Сан Ремо. Пуританската критика имаше обиди да ги дискредитира и обезвредни овие настапи, но попусто, новото време и експанзијата на поп културата ги постави на пиедестал славните тенори и тие станаа миленици на милионите. Сосем очекувано, нивниот забавен концепт со задоволство беше прифатен и од бројни млади уметници, соло-пејачи, кои во обидот да се позиционираат го одбраа веќе проверениот „рецепт“ и станаа нивни следбеници. Насекаде во светот!

Младите „Четири италијански тенори“, што ги слушнавме на годинешново отворање на „Охридско лето“ нескриено чекорат по тој пат. Следејќи ги нивните солистички и заеднички настапи како на оперските сцени така и на Гала концертите, како и настапот на „Охридско лето“, ќе забележиме дека тие приредуваат „перформанси“ исполнети со многу емоции и отворена желба да ја анимираат публиката, да внесат доза на хумор, допадливост и шарм во изведбата.

Осмислен како колаж од класични оперски арии и познати италијански, наполитански и шпански песни и инструментални пиеси, репертоарот што го слушнавме се движеше меѓу: класична оперска сцена во Вердиевата маестрална увертира од операта „Моќ на судбината“, ариите “Il lamento di Federico“ од операта „Арлезијанка“ од Франческо Чилеа, “Una fortiva lagrima“ од „Љубовен напиток“ на Доницети, Вердиевата безвременска “La donna e mobile“, “Nesun dorma“, од Џакомо Пучини, разигран забавен мјузикл со песните “La Spagnola“, “Granada“, “Volare“, “Mama“ “Torna a Suriento“, неизоставната “O Sole mio” па сè до шеговитата наполитанска тарантела од Луиџи Денца “Finiculi, Finicula” која нè води во светот на весела италијанска свадбена „феста“. Воопшто не сме изненадени, ако се знае дека кариерата на „Четирите италијански тенори“ се менаџира точно од еден од светските центри на забавата и шоу бизнисот – Бродвеј!

Но ако го насочиме фокусот на изведбата на уметниците, видувањето за овој радосен спектакл добива поинаква димензија, зашто секој жанр во која било сфера на музиката, „го подига“ квалитетната интерпретација. Таа и ја дава вистинската визура на уметничката креација. Концертот за Свеченото отворање на шеесет и второто „Охридско лето“ што го приредија италијанските тенори и оркестарот на Националната опера и балет беше естетско дожививање и повик за славење на животот и ентузијазмот.

Популарните арии, публиката ги запеа заедно со италијанските тенори, со видно задоволство, а ги слушнавме во изворно толкување. Интерпретација беше целосен одраз на италијанско „бел канто“ пеење што обединува пред сè интонативна стабилност, нагласен романтичарски артизам и изразит вроден музикалитет.

Алесандро Ди Акриса, Федерико Сера, Џовани Марија Палмиа и Уго Тарквини, не се уникатна формација и се вбројуваат во низа слични состави кои се инспирираат од стилот на славното трио Павароти, Доминго, Карерас, но секој од нив поседува одредена гласовна специфика и одлична вокална техника, па така нивниот настап поседува автентична енергија и интензитет. Кај Алесандро ди Акриса тоа е висока и светла тенорска боја, Федерико Сера е лирски тенор со кадифен, нежен вокал особено допадлив во делниците во пијанисимо, Џовани Марија Палмиа ја плени публиката со нагласено страствено пеење, а Уго Тарквини со моќен вокал. Популарните солистички арии и песни ги изедоа во одлични аранжмани за дуети, триа и квартет, што Античкиот театар го исполни со волуминозен звучен набој.

Како една лична импресија ќе забележиме дека посебна ѕвезда на вечерта беше диригентот Лоренцо Бицари кој со својот шарм, изразит музикалитет, но и со одличен сенс и познавање на музичката материја, оствари одлична синергија со музичарите во Оркестарот на Националната Опера и Балет, па така целиот ансамбл звучеше компактно, енергично и полетно. Уметниците на сцената остварувајќи меѓусебна поврзаност, успеаја да ѝ пренесат силна радосна енергија на публиката. Ноќта со полна месечина во позадина беше уште еден магичен декор.

Овој концерт го одбележуваме и како важен културен настан од кој беа упатени пораки за мир, за хуманата димензија на музичката уметност што му дава насушен смисол на животот, но и потсетување на обележјата на македонскиот национален идентитет. Од сцената на Античкиот театар, пораките ги искажаа Претседателот и покровител на Фестивалот „Охридско лето“ Стево Пендаровски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и баритонот Горан Начевски.  Ние би додале, дека опстојувањето на овој врвен настан од областа на културата на свој начин придонесува во градењето токму во нашиот културолошки идентитет. Зашто „Охридско лето“ е наш уникатен македонски подиум на кој се вкрстуваат уметнички креации на творци од целиот свет.

Викица Костоска Пенева – музиколог