Извонредниот глас на сопранот Марија Јелиќ од Србија вчеравечер одекна на сцената „Долни Сарај“, а прекрасниот амбиент беше надополнет со врвните музичари од Оркестарот на Операта на Српскиот народен театар од Нови Сад, Србија раководени од аргентинскиот диригент Луис Горелик.
Солистката на вечерта Марија Јелиќ која има и македонско потекло, фестивалската публика имаше можност да ја гледа и слуша и пред две години кога беше дел од отворањето на фестивалот „Охридско лето“.
-„Охридско лето“ се обидува секоја година да држи високо ниво на квалитет и навистина е еден од најпрестижните фестивали во регионот. Бев дел од отворањето на фестивалот пред две години во екот на пандемијата кога заради рестрикциите настапувавме само во придружба на пијано, но овојпат сме тука во еден поразличен состав, со гудачкиот оркестар од Операта на Српскиот народен театар од Нови Сад, град кој годинава е прогласен за европска престолнина на културата што значи дека оди во чекор со Охрид како град на културата. Огромно е задоволството да се соработува со исклучително добар диригент и со професионален оркестар, вели сопранот Јелиќ која освен на домашната многу често настапува и на меѓународните фестивалски сцени.
Оркестарот на операта на Српскиот народен театар во Нови Сад е основан на 16 ноември 1947 година и оттогаш е главен чинител на секоја оперска изведба. Високото професионално ниво на ансамблот се постигнува со постојана професионална надградба на неговите членови преку учеството во други оркестри. Денес оркестарот на операта брои 75 музичари, а заедно со хорот и солистите на операта изведува дела од „железниот“ оперски репертоар, но и мјузикли, оперети, хорска музика, како и симфониски концерти.
-Ансамблот на Операта на Српскиот народен театар првпат настапува на „Охридско лето“. Инаку, театарот гостуваше на фестивалот во 2019 година со претставата „Кој ја уби Џенис Џоплин“, а во 2004 година Балетот на Српскиот народен театар го играше „Гркот Зорба“. Со оглед дека сме на еден од најреномираните фестивали во овој дел од Европа, голема е честа што сме поканети и секако се надевам на идни соработки. Веднаш по пандемиската година, Балетот и Операта ја работеа премиерата на балетската претстава „Охридска легенда“ од Стеван Христиќ. Сметам дека „Долни Сарај“ е идеален амбиент за изведување на таа балетска претстава и се надевам дека и тоа ќе се случи, вели директорот на Српскиот народен театар од Нови Сад, Александар Станков.
Маестро Луис Горелик, публиката на „Охридско лето“ имаше можност да го види во 2014 година, на свеченото отворање на 54-тото фестивалско издание како диригент на концертот на оперската дива Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи.