Впчечатлив драматизам и импресивен емотивен израз донесе вчеравечер на подиумот во црквата „Света Софија“ маркантниот пијанист од Турција, Хусеин Сермет.
Концертот беше вистинско уживање на публиката. Турскиот виртуоз со повеќе од четиридецениска кариера, претставувајќи се со дела од Бах, Бетовен и Лист ги воодушеви посетителите кои го наградија со бурни овации и бисеви.
Сермет во својот богат пијанистички стаж настапувал со македонски уметници, но годинава првпат е дел од музичката програма на „Охридско лето“ .
-Да, ова е мојот прв концерт на „Охридско лето“, но сум слушал и следел што се случува на овој реномиран фестивал. Многупати сум бил поканет да свирам заедно со вашиот оркестар во Скопје, исто така и во Битола, но и во Турција и Франција.Акустиката во црквата „Света Софија“ е едноставно неверојатна. Црквата е многу убава и сум многу фасциниран, изјави пијанистот Сермет.
Сермет е уметник кого го отсликуваат разновидни музички интереси и исклучителната музичка визија која се огледува во широкиот и еклектичен репертоар и пијанистичка имагинативност.
Како пијанист е гостин на некои од најдобрите светски оркестри: Лондонската филхармонија и Кралската филхармонија во Лондон, Парискиот симфониски оркестар, Оркестарот на Минхенското радио, Симфонискиот оркестар во Луцерн, оркестрите во Бамберг, Токио, Шангај, Детроит и многу други. Настапува и во некои од најпрестижните пијанистички серии на рецитали во Лондон, Париз, Минхен, Лисабон, Копенхаген, Оксфорд и Лил.
Освен тоа, тој е активен и како композитор. Првата негова значајна композиција – „Сеќавања 1“ е премиерно изведена на Фестивалот Емпери во 1997 година, по што следи нарачка на дело за Симфонискиот оркестар во Токио- делото „Соништа и кошмари“ чија премиера е во 2004 година.