РЕЦЕНЗИЈА: Моќна сонатна вечер со Ермир Абеши и Мерита Реџа Тершана

За концертот на виолинистот Ермир Абеши и пијанистката Мерита Реџа Тершана на годинешново „Охридско лето“ навлегување во каква и да е оценка на техничките елементи во изведбата, сосема е беспредметно.

Албанските уметници, веќе познати на охридската публика, се на она уметничко ниво кога таа, изведбата, е поместена во повисоки сфери кон чиста креација на уметничкиот чин. Се работи за двајца супериорни уметници со изградени и високо етаблирани музички кариери во сите области на концертното делување, солистичко, камерно и оркестарско. Богатото сценско искуство, но и неизбежната темелна подготовка, едноставно се препознаваат во секоја инспиративно отсвирена фраза кај двајцата еминентни уметници. Доволно е да се напомене дека виолинистот Ермир Абеши во 2012 година е финалист на еден од најстарите и најпрестижни европски музички натпревари од областа на класичната музика „Кралица Елизабета“ што од далечната 1937 година се одржува во Белгија, а пијанистката Мерита Реџа Тершана долги години настапува како пијано соработник со сите најафирмирани албански музички уметници. Покрај тоа и двајцата имаат завидна концертна кариера низ целиот свет.

За оваа пригода, на годинешново шеесет и второ „Охридско лето“, уметниците се определија за богата сонатна вечер. На програмата беа три моќни Сонати, Моцартовата К.304 во е-мол, Брамсовата трета Соната од опусот 108 во де-мол и грандиозната „Кројцер“ Соната од Бетовен. Погледот кон ваквиот сериозен репертоар би можел да нè упати во очекување рационален наспроти емотивен уметнички пристап. Но веќе со првите слеани звуци во унисониот почеток кај Моцартовото „Алегро“ ни стана јасно дека пред нас на сцената се исклучително  имагинативни и страствени артисти. Нивната интерпретација е многу топла и природно допира до публиката.

Двоставната Соната за виолина и пијано, создадена во време кога Моцарт бил на дваесет и двегодишна возраст содржи длабочина и драматична експресивност, а според сензибилитетот неодоливо потсетува на клавирската соната во а-мол К.310. Тоа не е чудно кога се знае дека се компонирани во ист период при престојот во Париз, непосредно по загубата на неговата мајка. Оваа силно емотивна пиеса беше одличен вовед во уметничката вечер. Лирската страна на Моцарт со хармонизации што го навестуваат романтичниот свет на Бетовен, Ермир Абеши и Мерита Тершана на концертот во Св. Софија, ни ја прикажаа во еден особено господствен и елегантен манир својствен за мошне музикални уметници. Темите во „Алегрото“ и во „Менуетот“, генијално едноставни, уметниците ги изведоа со кристално јасна прецизност и експресивност, толку суштински за Моцартовиот јазик и стил.

Во продолжение на концертот, третата Соната од Јоханес Брамс од опусот 108 во де-мол, пак, нè наведе да го спомнеме Хансликовскиот став што го перципира Брамсовото творештво како „апсолутна“ музика, неоптоварена од какви било надворешни вонмузички примеси. Иако гледано од современ контекст, тенденцијава звучи старовремски, слушајќи ја конкретно оваа Соната во де-мол ќе се сложиме дека наполно кореспондира со чистотата и идеалот во формата и изразот што ги креира големиот композитор. Четири возвишени ставови со различни тежишта, во првиот и вториот став на виолината, третиот со пијанистичка доминација, а четвриот став со темперамент на тарантела содржи сила на бравура што се преплетува во двата инструменти и води кон драматичен епилог  на делото. Изведбата на Абеши и Тершана на ова извонредно дело, што самите уметници во лежерен разговор со публиката за време на паузата во магичниот двор на Св. Софија го нарекоа „прекрасна музика“ ги изнесе сите скриени слоеви вткаени во густата фактура на ставовите: комплексноста на сонатниот став, скерцозноста во третиот став и виртуозност полна со остри динамички контрасти. Но со посебно видливо уживање уметниците го отсвиреа вториот став, неодоливото Адаџо, на задоволство на публиката и на крајот од концертот како бис. Виолинистот Ермир Абеши во толкувањето на Брамсовата Соната покажа дека поседува истражувачки ум кој не се плаши и бескомпромисно навлегува во сите предизвици што ги крие величествената композиција и ја потенцира нејзината филозофска димензија. Тој со многу усет свири со меко и одмерено вибрато, внесува длабоки колористички сензации, но и бравурозно владеење. Пијанистката Мерита Тершана во чекор го следи неговиот сензибилитет, а клавирската делница вешто ја обликува со многу вкус и богато нијансиран тон.

Како круна на вечерта, една од најграндиозните сонати напишани за виолина и пијано, кога било во историјата на музиката. Оваа по многу нешта масивна творба, обединува предизвикувачки сонатен став со инвентивни комбинации на темпа (Адаџо-Престо-Адаџо), сложени варијации  и галоп – финале во престо. Моќната композиција во целост ги одразува сиот творечки потенцијал и силната енергија на Бетовен. Тоа се емоционални превирања преточени во нагли динамички контрасти, промени на темпо, богата артикулација па оттука, не е случајно што точно ова дело е инспирација за истоимената новела (Кројцерова соната) од Лав Толстој, приказна за љубовта, љубомората и омразата Интерпретацијата на Кројцеровата соната, дуото Абеши – Тершана ја претстави суверено, стилски кохерентно, динамички инвентивно и возбудливо. Тие покажаа емотивна префинетост, но и непоколеблива одлучност во делниците во фортисимо. Двајцата уметници оставаат впечаток на силни творечки индивидуи споени во хармоничен склад. Во целост, проследивме еден моќен концерт достоен за реномето на нашиот фестивал.

“Thank you for the music” – беа зборовите што се слушаа после концертот на албанските уметници Ермир Абаши и Мерита Реџа Тершана на „Охридско лето“, веројатно најемотивна награда што публиката може да ја упати кон изведувачите. Знак дека уметничката мисија е остварена.

Следејќи го низот од сите концертни вечери, неодминливо ни се наметнува согледувањето дека музичките уметници со нескриено задоволство настапуваат под сводовите на Св. Софија и имаат посебен пиетет кон фестивалот.

Викица Костоска Пенева