Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ а со поддршка на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, вчера се одржа концертот „Монастир“.
Со неверојатни визуелизации и со нови, но и стари композиции беше претставена богата еврејска култура која цветала во Монастир поточно денешна Битола пред Втората светска војна.
Проектот е предводен од композиторката и вокалистка Сара Ароесте, а идејата за неговото раѓање авторката ја добила при нејзината посета на Битола од каде влече и корени.
Уметниците солисти Сара Ароесте, Хелена Суша и Сефедин Бајрамов заедно со Шаи Бахар на клавијатури, Шани Шавит на бас гитара, Мајан Доари на удирални и Вевки Ахмедов на кларинет изведоа песни кои во минатото биле омилени кај Евреите од Монастир со тематика што во себе носи носталгија, меланхолија, спасение…
-Познанството и соработката со Сара Ароесте датира од пред неколку години кога таа по основ на своите битолски корени дојде во Битола. Се разбира, се запозна со луѓе од својата фела меѓу кои бев и јас, па ми беше предложено да партиципирам во нејзиниот проект. Особено ми е драго што спојуваме енергии од различни меридијани и различни култури.Доаѓајќи наваму накај Света Софија ми навираа спомени од еден период кога бев многу повеќе присутен во Охрид. Ова култно место, е религиски храм, но и храм на културата и за мене како уметник е голем престиж и задоволство што ми се пружи прилика да бидам дел од овој проект, изјави вокалниот солист Сефедин Бајрамов.
Проектот „Монастир“ е еден вид сведочење за едно минато време, со надеж дека музиката од тој период ќе продолжи да „живее“ и денес.