Секое доаѓање на Стефан Миленковиќ во Охрид на „Охридско лето“ се доживува како празник за неговите бројни обожаватели во Македонија. Проследувајќи ја богатата архива на фестивалот, ќе забележиме дека годинешниов настап на светски познатиот виолинист е своевиден мал јубилеј – десетти концерт на „Охридско лето“.
Приказната за Стефан Миленковиќ и Охрид е љубов на прв поглед, започнува во 1987 година, кога тој како десетгодишно момче облечено во бел фрак, со ѕвезди во очите, со за неговата возраст невообичаено виртуозни виолински изведби ги разбранува духовите и ги помести границите на очекуваното. Низ годините дружењето со охридската публика продолжува, се нижат незаборавни и извонредно подготвени концерти на кои ги слушавме Тартини, Брамс, Крајслер, Паганини, Сарасате… Во придружба на неговата мајка, префинетата пијанистка Лидија Кајнацо, Миленковиќ имаше концерти на кои се поклонуваше Европа и светот, а ние имавме среќа да ги следиме во уникатната акустика на црквата Св. Софија. И во тие детски години, покрај класичниот виолински репертоар, Стефан Миленковиќ покажуваше тенденција да свири познати дела со разновидна жанровска насока, џез нумери, популарна музика и со посебен жар, преработки за виолина на познати српски фолклорни песни и танци, со кои уште повеќе ја освојуваше публиката доволно маѓепсана од неговата генијалност и емотивна зрелост.
Постои голем, најблаго речено предизвик, еден уметник да го понесе епитетот „вундеркинд“, уште од најраното детство. Тоа го знаат оние што ги надминуваат лимитите на човековата дарба и ги почувствувале благодетите ама и товарот што ги носи таа посебност. Несомнено, Стефан Миленковиќ е еден од нив. Следејќи ја неговата исклучително богата уметничка кариера ќе забележиме дека тој излегувајќи од фазата „чудо од дете“ нескротливата креативност ја надгради и ја насочи кон обликување еден уникатен музички лик кој е во постојана потрага и изнаоѓање нови музички идеи и креации. Тој несекојдневен пат, обединува соработки со врвни уметници, мајстори на своите инструменти и жанрови, но и желба да се отсвири сè што ќе се вклопи во луцидниот вкус на уметникот. Ицак Перлман, Јехуди Мењухин, Пласидо Доминго, Лорин Мазел, Алексис Вајзенберг, ама и Един Карамазов, Влатко Стефановски, па сè до неодамнешната „комбинација“ со Неле Карајлиќ од култниот југословенски бенд „Забрањено пушење“ се инспирација и патеки по кои се движи нашиот омилен виолинист.
Во овој контекст ќе го разгледаме и проектот што Стефан Миленковиќ ни го претстави на годинешново „Охридско лето“, заедно со неговата фина дружина – камерниот гудачки ансамбл „Камерата Нови Сад“. Настапот всушност започна со прес-конференција на терасата во хотелот Инекс Олгица, како вовед во концертот, каде што слушнавме едно лежерно но во исто време мошне интересно излагање за идејата околу настанувањето на проектот „Кармина бурана“. Накусо ќе искоментираме, уметник со немирен дух како Стефан Миленковиќ едноставно е создаден за да ги поместува границите што водат кон прогрес во музиката и уметноста генерално. Кантатата „Кармина бурана“ е напишана за гломазен оркестарски ансамбл со два хора, се поставува на сцена со енергична балетска кореографија и по сите параметри претендира да остави мега впечаток кај публиката. Па за да постигнете таков ефект, особено кај оние во чија глава стои востановената слика и доживување, со еден солист на виолина и петнаесеттина гудачи, потребна ви е особена храброст, исклучително сугестивен перформас, ама по малку треба да сте луд! Па да, на Стефан Миленковиќ не му недостасува ништо од сето ова.
Со еуфорија како што се дочекува вистински “super star” и „опиплива“ возбуда во воздухот, гледалиштето на Долни Сарај беше исполнето до последно место.
Како вовед кон централната композиција слушнавме три жанровски неверојатно разноврсни пиеси, што дополнително ја потенцираат уметниковата жед за уникатност. Трите Гершвинови (блуз) Прелудиуми, аранжирани за виолина и гудачки оркестар беа своевиден омаж на тоа дека Стефан Миленковиќ најсуштествениот дел од својата едукација ја поминува на Њујоршкиот “Julliard School” или “crème de la crème” во Америка. Потоа следеше Астор Пјацола со неговата бунтовна инкарнација на аргентинското танго во уникатен склад со „жестокиот“ интензитет на „Летото“ од Вивалди, во мајсторски аранжман за гудачи од современиот руски композитор Леонид Десјатников, во вдахновена, „танцова“ интерпретација на Миленковиќ и Новосадската Камерата – силна еклектична експлозија од теми, ликови и експресии.. И над сето тоа славната „Боемска рапсодија“ од Фреди Меркјури. Секогаш постои опасност вакво шаренило и склоност кон експериментирање за некого да ги премине границите на добриот вкус. Но не и кога идејата и реализацијата ја осмислува Стефан Миленковиќ.
И конечно „Кармина бурана“. Вечно прославената Кантата, што го овековечи името на Карл Орф. Тоа уникатно дело што ги побива сите принципи „битни“ за класичната западна музика. Тука формата е небитна, полифоно-хармонските аспекти се речиси штури, едноставно Орф играјќи си со силата на ритамот, експресивната динамика и возбудливиот средновековен текст што го слави животот во најпримарниот облик е токму она што од праизведбата во 1937 до денес ја прави оваа творба единствена. Ансамблот млади и полетни музичари на сцената на Долни Сарај, под суверено водство на Стефан Миленковиќ ни донесоа едно ново, свежо толкување кон доминантно вокалниот „плашт“ на Кантатата, уверувајќи нè дека секој смел обид во музиката може да биде успешен и издржан доколку креаторите се надарени но и добро едуцирани. Овде треба да нагласиме дека зад успешната парафраза на „Кармина бурана“ и микро верзијата за гудачки оркестар стои вешто сработениот аранжман од младата српска композиторка Ана Крстајиќ.
Освен тоа во ниеден миг не смее да се заборави, дека на врвот на целокупната еклектична уметничка креација што ја слушнавме на Долни Сарај стои неприкосновена интерпретативна супериорност или свирење виолина со особености на реликт.
Во вечерта полна со нови откривања, Стефан Миленковиќ ни покажа дека тој не е само маестро на виолината, туку дека умее и со поетична реч да ги пренесе своите размисли и тежненија за уметноста: „ …А ние уметниците? Стегната камерна формација, потполна слобода и препуштање на мигот во интерпретацијата, неограничени енергетски хоризонти.. Јас сум сосем убеден дека ние на сцената, земајќи го во прегратка ова монументално дело се враќаме кон првобитната, интимна и непосредна верзија на оригиналната форма на овие песни кои во средниот век се свиреле, рецитирале и пееле во мали груои Голијардите – полни со полет, сатира и бунт, но пред сè полни со љубов и незгаслива желба да се живее…“
Исклучително топла и емотивна интерпретација на главната виолинска, меланхолична тема од филмот „Шиндлерова листа“ беше првиот бис – подарок за публиката. И на крајот, како последна нумера и заокружување на српската вечер на „Охридско лето“ го слушнавме виртуозното српско „Пашона коло“.
Големите уметници несомнено ја креираат хуманата страна на светот.
А со уште една нота ќе додадеме дека особено е важно кога големата уметност има достојна поддршка од општествената заедница. Концертот на Стефан Миленковиќ на „Охридско лето“ беше поддржан од српската амбасада во Република Северна Македонија, а на настанот присуствуваше и со емотивно обраќање на македонски јазик публиката ја поздрави Министерот за надворешни работи на Република Србија Никола Селаковиќ.
Викица Костоска Пенева