РЕЦЕНЗИЈА: Префинета звучна целина на Томе Атанасов и Марија Ѓошевска

Особено пријатно доживување на „Охридско лето“, претставуваат настапите на македонските уметници, како што беше концертот на обоистот Томе Атанасов и пијанистката Марија Ѓошевска. Двајцата инструменталисти, во своите најплодни и најкреативни изведувачки години, солистички докажани и потврдени на домашната и меѓународната концертна сцена, својата соработка (започната претходно, во други камерни состави), за првпат како дуо ја презентираа со овој концерт. Обединувајќи ги своите креативни енергии и уметнички капацитети, тие создадоа префинето избрусена звучна целина, обоена со индивидуалниот интерпретативен израз на секој од нив, заемно надополнувајќи се и поддржувајќи се во текот на целиот перформанс.

Преку програмата, која на прв поглед делуваше прилично обемна, за подоцна, во текот на концертот, а особено по неговото завршување, впечатокот да се смени благодарение на инспиративните за изведување и интересни за слушање, дела за обоа и пијано од светската музичка литература (француско, германско, аргентинско и македонско творештво), а особено и заради вдахновената интерпретација, Атанасов и Ѓошевска ја водеа публиката низ различни стилски периоди, почнувајќи од барокот, преку романтизмот, допирајќи ја естетиката на импресионизмот, па сè до современите композиторски текови. Главниот програмски стожер беше ставен на цикличната форма – соната, при што публиката имаше можност да слушне три сонати за обоа и пијано, со три различни авторски потписи и стилски, но и концепциски карактеристики.

Уште со барокната Соната за обоа и пијано во C-dur на фламанскиот композитор Жан Батист Лоелет, со која започна концертот, Томе Атанасов и Марија Ѓошевска презентираа сугестивен и сигурен настап, со прецизна изработеност на сите финеси во четириставичната партитура. Широките и мирно распеани теми со наивно-идиличен карактер во првиот и третиот став (Largo cantabile и Largo espressivo), Атанасов ги донесе мошне емотивно и стабилно, контрастирајќи им со ведра и разиграна интерпретација во вториот и четвртиот став (и двата Allegro), поддржан од динамички уедначената изведба на делницата за пијано која Ѓошевска ја владееше беспрекорно.  

Во целокупниот програмски концепт, свое посебно, одбрано место зазема Сонатата за обоа и пијано на македонскиот автор Стојан Стојков. Во неа, двајцата уметници ги „оживеаја“ фолклорните алузии кои Стојков ги создава преку карактеристичните нерамноделни тактови и мелодиските решенија поврзани со фолклорните извори, применувајќи ја при тоа структурата на класичниот жанровски модел на сонатен циклус од три става (Allegro, Andante Pastorale и Allegro Scherzando). Во изведбата на оваа соната, особено дојде до израз скерциозниот карактер во интерпретацијата на уметниците, како и нивната креативност во прецизното фразирање и динамичко нијансирање.

Атанасов и Ѓошевска, подготвено и мошне самоуверено одговорија и на изразито сложените динамички и интонативни предизвици (за обоата, дури и екстреми, движејќи ја мелодиската линија до најниските и највисоките граници на нејзиниот тонски опсег) во сложената соната на Франсис Пуланк, пред сè изложени во нејзиниот втор (Scherzo), но и трет став. Структурирана со бавен-брз-бавен став, спротивно на традиционалниот сонатен концепт брз-бавен-брз став (третиот став „Déploration“, е всушност, последното дело напишано пред смртта н Пуланк), авторот, истакнат претставник на „Француската шесторка“, сонатата ја посветува на големиот руски композитор Сергеј Прокофјев, што пак, особено се воочува при испреплетувањето на француската и руската атмосфера во нејзината мелодиско-хармонска структура.

Покрај сонатите, програмата ја содржеше и „Романсата“ бр. 3 од циклусот „Три романси за обоа и пијано оп. 94“, на германскиот мајстор Роберт Шуман, како едно од највреднуваните дела од романтичарскиот репертоар за обоа. Вешто движејќи се низ Шумановите партитури, изведувачите ја доловија богатата колоритност на делото, сликовито претставувајќи ги промените на драмските расположенија.

Во духот на романтизмот, како завршна композиција во првиот дел од рециталот, имавме можност да ја проследиме изведбата на „Конкурсното соло бр. 2“ на францускиот композитор Шарл Колин (авторот, и самиот бил обоист), каде Атанасов, имаше одлична прилика, која максимално ја искористи, да ја прикаже својата техничка подготвеност, на што Ѓошевска му парираше во текот на целата изведба. 

Во импресионистички обоената „Пасторална фантазија“ на Ежен Боца (исто така, претставник на француската композиторска школа), започнувајќи со емотивна каденца во портретирањето на пасторалниот елемент, а потоа градациски развивајќи го фантастичниот аспект, особено во раскошната кулминација, двајцата уметници на еден начин направија реминисценција на нивниот партнерски однос од текот на целиот концерт. Отстапувајќи му ја на почетокот предноста на Атанасов во презентацијата на виртуозитетот на делницата за обоа, од длабоката пијанистичка фонска придружба, Ѓошевска, во развојниот и завршниот дел, исто така виртуозно, со богатата и интересна хармонија, „разговараше“ со неговата обоа.

Концертната вечер, уметниците ја заокружија со мошне познатата, нежна и меланхолична тема „Обливион“ на аргентинскиот автор Астор Пјацола (музичка асоцијација за филмот „Хенри IV“), смирувајќи ја атмосферата создадена од импресиите од нивниот целовечерен перформанс.

Со изведбата на вака конципираната програма, македонските инструменталисти Томе Атанасов и Марија Ѓошевска уште еднаш покажаа дека станува збор за двајца исклучителни професионалци, чија техничка подготвеност и интерпретативна креација се на мошне завидно ниво.

Александар Трајковски