РЕЦЕНЗИЈА кон концертот на Стивен Бјус: Концертен танц по клавишите

Главните предуслови за успешноста на еден концерт се засноваат на две потпоришта – програмскиот концепт и изведбата – со тоа што, доколку изведбата е натпросечна, а изборот на програмата недоволно атрактивен, таа (изведбата) може да го надополни недостатокот, што пак, во обратниот случај, е потешко остварливо. Но, доколку станува збор за концерт со извонредна изведба на исклучително атрактивни и квалитетни дела, тогаш квалификациите недвосмислено би се движеле во суперлативи. Таква концертна вечер, пред фестивалската публика на „Охридско лето“ приреди американскиот пијанист Стивен Бјус.

Бјус е неверојатно талентиран пијанист, кој својата висока репутација во меѓународната концертна сфера ја гради како лауреат на повеќе меѓународни натпревари и солист кој настапува со разни симфониски оркестри, реализирајќи при тоа и голем број рецитални настапи ширум светот. Од концертните подиуми на „Гаво“ и „Корто“ во Париз, театарот „Сан Карло“ во Неапол, салата „Вајл“ во Карнеги Хол, концертните дворани во Кина, Русија, Финска, Швајцарија, Германија, Италија и тн., Бјус својата магија ја пренесе и во акустичниот простор на „Света Софија“. Беше извонредно доживување да се биде соделител на атмосферата која ја создаде неговата личност, креирајќи преку музичката изведба паралелни звучни светови, низ кои се движеше заедно со присутната публика, „раскажувајќи“ ѝ ги на тој начин сите дела од концертната програма. Таа умешност во создавањето на имагинарната стварност, беше причина, при секое враќање во реалноста да се слушнат восклици од страна на слушателите.  

Говорејќи за неговата изведба, особено треба да се издвојат оригиналниот интерпретативен пристап, техничката подготвеност и до перфекција совладаните музички партитури. Имено, Бјус презентираше исклучително прецизна пијанистичка техника, успешно маневрирајќи со сложените акордски фактури, но и со захтевните мелодиски движења, вешто изведувајќи ги пасажите и големите мелодиски скокови во брзите темпа. Токму затоа, визуелниот фокус на неговите раце, создаваше слика на танцување по клавишите. Сугестивниот настап недвосмислено покажа дека во совладувањето на делата пристапува совршено прецизно, осмислувајќи и градејќи повеќе, до најмал детал изработени делови, кои потоа ги обединува во една голема звучна слика.

Програмското тежиште на својот целовечерен концертен перформанс, Стивен Бјус го постави на пијанистичката литература од XX век, од каде отскокнуваше единствено претставникот на XIX век, Феликс Менделсон, запознавајќи ја публиката со, за неа, недоволно познати автори (како Николај Медтнер и Рон Једидиа), не одминувајќи при тоа и „поблиски“ имиња, како Семјуел Барбер.

Започнувајќи со Менделсоновата Соната во Е-dur оп. 6, која авторот ја напишал на 16 годишна возраст, американскиот пијанист суптилно ја „наслика“ поврзаноста на четирите става, слеано преминувајќи, со особено изразита техничка специфика, во различните контрастни темпа и динамички нијанси, чинејќи своевиден вовед во она што следуваше во понатамошниот концертен тек.

Кулминацијата настана со изведбата  на „Sonata tragica“ и „запознавањето“ на публиката со нејзиниот автор, рускиот композитор и одличен пијанист, Николај Медтнер. Благодарение на Бјус, низ амбиентот на „Света Софија“ прозвуче генијалноста на современикот на Рахмањинов, чии творечки изблици од првата половина на минатиот век, пијанистот успешно и автентично ги пренесе таа вечер пред фестивалската публика. Преку моќната и експресивна интерпетација, можеше да се почувстува изобилството на бури во музичката партитура на Медтнер, организирана и поставена низ целиот тонски опсег на пијаното, поврзувајќи ги ниските и високите регистри со скалични и акордски пасажи, вешто изведени од прстите на Бјус. Силните акценти и изразитата forte динамика, ја креираа драматиката во ова дело, кое по завршувањето остави простор за филозофска размисла кај слушателите.

Држејќи ја сè уште под импресии на Медтнеровата творба, Стивен Бјус на публиката ѝ го претстави и современиот израелски композитор Рон Једидиа, чии две етиди (бр. 7, наречена „Лет преку океанот“ и неименуваната бр. 20) од циклусот „12 големи етиди“ ги отсвире во еден здив. Станува збор за две, комплексно градени музички дела, чија повеќеслојност, уметникот ја претстави мошне сигурно.  

Со Сонатата во es-moll оп. 26, од Семјуел Барбер пак, пијанистот обликуваше грандиозно музичко финале, мозаично составено од четири различни карактери и расположенија, со богата мелодиско-хармонска фактура, во чија основа почиваат хроматиката и дванаесет тонската низа. Во првиот став, прилично енергично се движеше по пунктираниот ритам, чинејќи јасен контраст со деловите каде доминира лириката. Во вториот, виртуозно го пренесе скерциозниот карактер, додека во третиот, постепено ја развиваше дисонантната акордска прогресија боејќи ја во темни нијанси звучната атмосфера. Брилијираше во четвртиот став,  прецизно изведувајќи го комплексниот синкопиран ритам на фугата, истовремено издвојувајќи ја суштината на џез хармониите.

По исцрпувањето на официјалната програма, сакајќи да ја задоволи отворено изразената желба на публиката за нови перформанси, Стивен Бјус ѝ подари два биса. На првиот, ја изведе верзијата за пијано на познатата песна „Can’t help loving that man of mine“ од Џером Керн, која, како што самиот сподели, има интимна поврзаност со неговиот живот (неговата сопруга ја изведувала оваа песна на нивната свадбена церемонија), а на вториот, во духот на виртуозитетот презентиран преку целата претходно изведена програма, ја отсвире „Унгарската рапсодија бр. 2“ од Франц Лист. Од концертниот подиум, сосема заслужено, американскиот пијанист си замина поздравен со стоечки аплауз.

Александар Трајковски