Драмската програма на 62-то „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Галеб“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на Турски театар Скопје.
Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.
„Галеб“ е драма која зборува за театарот и љубовта. Во ова култно дело, Чехов на трагикомичен начин ни ја пренесува атмосферата за минливоста на животот, во која се испреплетува синџир од ликови со промашени животи, со несреќни судбини, невозвратени љубови, ставени во животни околности со кои не можат или не знаат да се справат.
Во неа играат Несрин Таир, Хакан Даци, Осман Али, Џенап Самет, Стефанија Начевска, Сузан Акбелге, Ебру Мусли, Селпин Керим, Метин Ибрахим и Неат Али. Сценографијата е на Константин Трпеноски, а костимографијата на Роза Трајчевска-Ристоска.
Нела Витошевиќ е театарскa режисерка, која високото образование и магистерските студии ги заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје, под менторство на професорот Слободан Унковски. Од 2011 до 2015 година работи и ако демонстратор на истиот факултет, на отсекот по актерска игра. Нејзината кариера успешно започнува со дипломската претстава „Чикашки перверзии“, на Дејвид Мамет, поставена и изведувана во Драмскиот Театар – Скопје. Понатаму нејзината кариера се развива со претставите „Вејка на ветерот“ од Коле Чашуле , „Да тргнеме Сењор“ од Ана Ристоска и „Макбет“ од Вилијам Шекспир; во Македонскиот Народен Театар, „Странци “ од Филипо Болоња и „Мојот маж“ од Румена Бужаровска во Драмскиот театар; „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, „Змејовата невеста“ од Димитар Молеров, „Казимир и Каролина“ од Еден Фон Хорват во Прилепскиот театар, „Жена од Минатото“ од Роланд Шимелфенинг и „Созвездија“ од Ник Пејн во Кумановскиот театар, „Стари времиња“ од Харолд Пинтер во Охридскиот театар и многу други. Со претставата „Змејовата невеста“, Нела ги освои и главните државни награди и признанија за театар – награда за најдобра режија и награда за најдобра претстава на фестивалот Војдан Чернодрински. Таа е еден од основачите на независен театар Wonderland Theatre кој донесе свежина и поинаков пристап на независната театарска сцена во Македонија. Таа таму има направено неколку претстави: „Фирма“ од Р. Шимелфенинг, „5:17“ од Ана Ристоска, „Брод за кукли“ од Милена Марковиќ, и авторскиот проект „Работи за кои не зборуваме“. За претставата „Брод за кукли“ ја добива главната награда од жирото, за најдобра претстава на фестивалот МОТ. За нејзината работа во театар таа има добиено околу 20-тина награди, а нејзините претстави се играле на повеќе фестивали во земјата и Европа. Во моментов е вработена како режисер во Македонскиот Народен Театар.