Рецензија кон концертот на Камерниот оркестар на МММ: Шармантно, ведро и музикално

Веќе 36 години по ред, завршниот концерт на летната сесија на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија (од 2018 година именуван по диригентот Саша Николовски-Ѓумар), е дел од фестивалската програма на „Охридско лето.“ Три и пол децении, повеќе од 400 млади и перспективни музичари го создаваат музичкиот амбиент на концертите на овој специфичен и оригинален состав, зачекорувајќи со тоа, во сферата на професионалниот концертен живот. Од самото формирање во 1987 година и првиот концерт, одржан под раководство на основачот и долгогодишен уметнички раководител на ансамблот, Фимчо Муратовски, станувајќи постепено дел од традицијата на „Охридско лето“, а денес, несомнено негов нераскинлив дел, концертите на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија имаат посебно значење за фестивалот, но и посебно место кај публиката.

Така беше и овој пат, со максималната исполнетост на гледалиштето во просторот на црковниот храм „Света Софија“, каде младите музичари, со неверојатен ентузијазам, полет и отворено манифестирана страст, повеќе од еден час, под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, го владееја звучниот простор и креираа уметност. Очигледна беше силната кохезија која владее помеѓу диригентот и младите гудачи, заснована, пред сè на реципроцитет. Цанев, со својот личен и професионален авторитет, мошне успешно го водеше оркестарот, извлекувајќи го максимумот од капацитетот на прилично подмладениот состав, во кој, дел, за прв пат настапуваат во камерен оркестар. Оркестрантите пак, концентрирано следејќи ги неговите движења, ефективно реагираа на диригентските барања, заедно, оставајќи впечаток на добро подготвен, професионален ансамбл, чие високо професионално ниво на музичка култура и изведба, ја испрати пораката дека младите музичари наговестуваат светла иднина.

На овогодинешниот концерт, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија се претстави со внимателно одбрана програма, која диригентот Цанев, со своето искуство умешно ја конципирал да одговара на возраста на членовите на ансамблот. При тоа, имавме можност да слушнеме разновиден авторски и жанровски избор на атрактивни дела, со чија изведба, оркестарот се претстави во својот полн сјај.

Концертот започна со едно од најпопуларните дела на барокниот мајстор Јохан Себастијан Бах, и условно речено, задолжителна литература, пред сè за младите виолинисти, вториот став, „Air“, од „Оркестарската свита бр. 3“. Извлекувајќи ја полифоната мисла на големиот композитор, внимателно дозирајќи ја динамиката од страна на диригентот, слушнавме суптилно испреплетување на мелодиските линии во виолините, во контраст на ритмичкото движење во длабоките инструменти.

Надоврзувајќи се, со исто така, мошне популарното „Дивертименто 137 во B-dur“, на Волфганг Амадеус Моцарт, именувано и како „Салцбуршка симфонија бр. 2“, оркестарот прикажа квалитетна техничка и интерпретативна емисија, оформувајќи го широкиот и лежерен прв став, постепено градејќи ја тензијата во бујниот втор став, истакнувајќи ја раскошноста во тематскиот развој и грациозно, толкувајќи го танцовиот карактер во третиот.     

Со сигурниот и прецизен настап на виолите во „Серенада за гудачи оп. 20“ на Едвард Елгар пак, младите музичари нè воведоа во доцниот англиски романтизам, боејќи ги тонските слики, со префинето изработена динамичка нијансираност.  

Вовед во кулминацијата на концертот, беше праизведбата на делото „V-root-OK“, на младиот и перспективен македонски композитор Ангел Спировски. Следејќи го претставувањето на оваа композиција од страна на диригентот Борјан Цанев, кој појасни дека делото е напишано специјално за Камерниот оркестар, имавме можност сликовито да ја усвоиме неговата музичка идеја, пренесена од младите музичари, кои со особено изразена возбуда и креативен вознес пристапија кон изведбата на делото на нивниот млад колега. Во оваа творба, чиј наслов е алузија на Вруток, изворот на реката Вардар, симболизирајќи го со тоа младешкиот карактер на ансамблот, како извор на живот и уметност, Спировски креативно ја гради композициската структура. Асоцирајќи на бавно потекување на изворската вода, композицијата ја започнува со мирен влез на контрабасите, распределувајќи го постепено музичкиот материјал на сите оркестарски групи, градејќи го развојниот дел со густа оркестрација, брзо темпо и форте динамика, претставувајќи го немирното речно течение, при тоа, со издвојување на соло делници за виолончело и виолина, кои инструменталистите ги изведоа мошне сугестивено. По бујната кулминација, Спировски композицијата ја завршува спокојно, претставувајќи го востановениот мирен тек на водата, со реминисценција на почетокот и суптилниот настап на контрабасите.

Кулминацијата на концертот, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија ја достигна со изведбата на симфониското интермецо „Медитација“, од операта „Таис“ на Жил Масне, со солистички настап на концерт-мајсторот на оркестарот, Дарко Гроздановски, кој едноставно брилијираше, сигурно владеејќи го концертниот подиум. Демонстрирајќи одлична техничка подготвеност, со особено изразено чувство за уметничко моделирање, Гроздановски маестрално го претстави емотивниот набој и страста во ова популарно дело.    

Своето концертно претставување, овој пат, ансамблот го заокружи со „Каприол“ суитата на Питер Ворлок, кадешто, низ петте, релативно кратки става, засновани на популарните танци од ренесансата, имаше можност да го прикаже сиот свој темперамент.

Бисот, преку пицикато изведбата (наместа дополнета со звукот на усните свирчиња) на композицијата „Плинк, Планк, Плунк“, на авторот Лерој Андерсон, есенцирано го прикажа сето она што имавме можност да го видиме и слушнеме во текот на целиот концерт – шармантноста, ведрината и особено изразената музикалност на младите инструменталисти и нивниот диригент, Борјан Цанев.

Публиката, како и секогаш на овие концерти, восхитено го прифаќаше комуникацискиот сигнал на уметниците и здушено возвраќаше на нивните музички провокации.

Александар Трајковски