Во пресрет на големиот православен христијански празник Свети Климент Охридски и Свети великомаченик Пантелејмон, Камерниот мешан хор „Св.Климент Охридски“ при соборниот храм „Св. Климент Охридски“ Скопје вчеравечер настапи на фестивалот „Охридско лето“ изведувајќи духовна музика во прекрасниот амбиент на катедралната црква „Света Софија“.
Овој вокален состав чија основна дејност е опслужување на потребите на МПЦ – ОА настапи под диригентската палка на маестро Панче Јосифов, а солисти на вечерта беа сопранот Биљана Јосифов, алтот Лидија Пшенко, тенорот Дејан Стоев, како и бас-баритонот Невен Силјановски.
– Фестивалот ,,Охридско лето”, еден од најреномираните настани, со интернационален карактер, е предизвик за многу наши и странски уметници. Тоа е фестивал кој постојано ги потврдува високите професионални критериуми, со истакнати учесници и сериозни програми. Моето повеќекратно учество, како хорски изведувач и хорски диригент, отсекогаш нуди најавторитетни програми. Огромна е честа за мене како хорски диригент и моите извонредни соработници од Камерниот мешан хор ,,Св. Климент Охридски” при МПЦ, што и вечерашниот наш, шести по ред, настап, не случајно, како што е низ нашата традиција, настапуваме на Заслугот на Таткото на големиот православен празник, особено – во годината на осамостојувањето на нашата Охридска патријаршија.Особено, ни импонира, тоа што нашиот концерт ќе се одржи во ,,Св. Софија”, храмот на величенствената уметност, кој со отворени акустични прегратки, ги милува и мотивира уметниците, кои оставаат траен белег во неговата бескрајна фонотека, изјави маестро Панче Јосифов, основач, уметнички раководител и диригент на овој ансамбл.
Членовите на хорот кои се професионални вокални уметници, солисти, вокални педагози и хорски уметници изведоа дела од најистакнатите творци на cappella литературата како што се Кирил Македонски, Стеван Мокрањац, Архангелски, од Атанас Бадев, Томислав Зографски, од Лвов, Рахмањинов, Бортањски, како и од Свиридов.
Камерниот мешан хор „Св. Климент Охридски“ е формиран во1992 година при Архиепископскиот Соборен храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Хорот редовно ја изведува првата македонска православна литургија „Литургија на Св. Јован Златоуст”од композиторот Атанас Бадев. Досега има одржано 1500 Воскресни (неделни) литургии, петстотини Празнични литургии и 18 целовечерни годишни концерти. Паралелно со оваа активност, хорот е присутен и на концертните подиуми во Македонија, како и на меѓународни фестивали.