Циклусот од осум книги „Димитрије Бужаровски – творештво и време“ – трајно сведоштво за македонската музичка култура

Во рамките на 62-то издание на „Охридско лето“ , Факултетот за музичка уметност-Скопје вчера го промовира циклусот од осум книги „Димитрије Бужаровски – творештво и време“.

Станува збор за енциклопедиски авто-музиколошки проект кој го претставува богатото творештво од над 170 опуса на еден од најзначајните македонски современи композитори.

Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Бисера Чадловска обраќајќи се на промоцијата рече дека  професорот Бужаровски е сестран музичар, композитор и како што кажа, фасцинантна личност.

-Фестивалот „Охридско лето“ е дел од  богатата професионална дејност на професорот Бужаровски. Тука тој извршувал повеќе  функции-бил претседател на Советот на фестивалот, негов селектор и член на правниот комитет на ЕФА. Освен тоа, за мене како диригент, најинтересен е фактот што на „Охридско лето“ се изведени  повеќе негови дела, а во најголем дел од нив и самиот учествувал како изведувач, истакна Чадловска.

Деканот на Факултетот за музичка уметност во Скопје(ФМУ),  Живко Фирфов, рече дека ова е редок проект  кој е од огромно значење не само за ФМУ, туку и  за целата македонска музичка култура.

-Во него не се одразува само творечкиот и научен пат на една од најзначајните личности во современата  македонска култура, композиторот, пијанистот, научникот и иноваторот во користењето на електронската и компјутерската музика, општественикот и педагогот Димитрије Бужаровски, туку  се одразува и целата македонска култура  во еден период подолг од шест децении, додаде Фирфов.

Рецензентката Викторија Коларовска-Гмирја  истакна дека со овој циклус книги, авторот нè упатува во својата творечка лабораторија правејќи исцрпна анализа на делата.

-Фасцинира податокот со кој интензитет се создаваа овие  книги. За две години околу 1700 страници темелен концентриран текст, паралелно со пишување  огромен број страници  на партитурите во програмата Сибелиус. Таков интензитет е својство на  авторот. Може да се забележи во неговото композиторско  творештво и тоа е една од привилегиите  на неговата севкупна творечка личност, рече Коларовска-Гмирја.

Трена Јорданоска е една од рецензентките на циклусот книги од Бужаровски, и како што рече самиот автор, таа е најзаслужна за целокупната техничка  работа во проектот.

-Осумте книги од овој циклус  се создадени  во период од три години. На 1700 страници, авторот  обработува над 170 опуси од неговото творештво. Овие бројки говорат со каков интелектуалец  го делиме просторот и времето и колку можеме да бидеме горди што во нашата средина имаме творец со толку богата ерудиција, рече Јорданоска.  

Авторот на книгите, Димитрије Бужаровски појасни дека станува збор за производ којшто е комплетно направен од ентузијазам и за кој, како што кажа, не беа потребни пари, туку сè е поставено бесплатно на интернет.

-Целиот овој проект  е токму придонес од невидливата дигитална рака којашто сè повеќе роботски ни помага во животот да правиме некои  работи што едноставно пред неколку децении воопшто не можевме да помислиме дека е возможно да се направат. Уште поважно е што сето ова ќе оди во интернет медиумот и ќе можат да го користат генераци и генерации, повлече Бужаровски.

Книгите се издадени во електронско издание и поставени за бесплатно преземање на веб-страницата на Aрхивот Бужаровски (BuzAr), а како издавач се јавува Факултетот за музичка уметност – Скопје. Со промоцијата на целокупното издание на овој редок капитален музиколошки зафат,  Факултетот за музичка уметност и „Охридско лето“ се вклучуваат во одбележувањето на 70-от роденден на Димитрије Бужаровски, кој повеќе децении е професор на ФМУ и во два наврати бил и негов декан.

Во рамките на промоцијата беше прикажано видео кое води низ страниците на овие книги дополнето со аудио и видео материјал од изведбите на делата за кои се говори.