Младите и извонредно талентирани пијанисти, виолистот Тимоти Ридаут и пијанистот Франк Дупре беа вистинско изненадување за публиката на фестивалот „Охридско лето“ со концертот што го приредија вчеравечер во црквата „Света Софија“.
Тимоти Ридаут е еден од водечките млади солисти во Европа. Дел е од програмата на Би Би Си „Уметници на новата генерација“ од 2019 година и дел од уметничката програма на Линколн центарот во Њујорк од 2021 година. На фестивалот „Охридско лето“, тој уште еднаш потврди дека станува збор за млад уметник со светско реноме.
-Акустиката е неверојатна во оваа прекрасна црква. Во еден таков волшебен амбиент свиревме дела од композитори кои повеќето живееле во времето на Советскиот сојуз, Италијанската свита за виола и пијано од Стравински, потоа сонатата за виола и пијано од Капустин која е инспирирана од џезот. Капустин бил виртуозен пијанист кој компонирал во џез стилот и ја напишал оваа впрочем тешка соната за виола. Ги изведовме двата ставови од Свитата од „Овод“ на Шостакович, која е поинаква од неговите други дела бидејќи ја напишал во периодот кога компонирал филмска музика. Вечерта ја завршивме со Свита од „Ромео и Јулија“ за виола и пијано оп. 64 од Прокофјев, рече британскиот виолист Тимоти Ридаут.
Германскиот пијанист Франк Дупре иако млад, ги воодушевува жиријата со неговата музичка зрелост, рафинирана техника и можност да создаде широк спектар на бои од пијаното.
-Јас и Тимоти свириме веќе седум години заедно, успешно соработуваме и забавно е да патуваме заедно низ светот, кажа Дупре.
По вчерашната прекрасна вечер со овие двајца млади но светски афирмирани уметници, музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ денеска во 17 часот продолжува со концерт на учесниците на меѓународниот музички мајсторски курс што деновиве се одржа во Охрид под раководство на виолинистот Емилио Перцан и пијанистката Тамара Гулијева, како и со концерт од 21 часот на младите уметници од Србија, виолончелистката Ирена Јосифоска и пијанистот Александар Џермановиќ.