Еден ден по италијанската вечер, во црковниот храм „Света Софија“ се одржа традиционалната француска вечер на фестивалот „Охридско лето“. Во духот на заедништвото на двете земји, но и континуитетот од претходната вечер, потенцирајќи ја поврзаноста на двете нации кои го споделуваат истото латинско наследство, јазици со сличен призвук, длабоки историски врски и испреплетеност на двете култури низ вековите, прв се обрати амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Андреа Силвестри. Францускиот амбасадор пак, Сирил Бомгартнер, кој претходната вечер го имаше воведниот збор, во оваа прилика истакна дека благодарение на убавата, суптилна и комплексна француско-италијанска врска понекогаш се надминувале некои недоразбирања и дека двете земји, латински братучетки, секогаш знаеле да го најдат патот на меѓусебното разбирање, што во многу погледи може да послужи како пример.
Овие два, позитивни и обединувачки говори, беа вовед во една пријатна музичка вечер, чиј предзнак беше токму обединувањето. Четири, исклучително талентирани инструменталисти, сите по потекло од југот на Франција, виолинистите Адриен Јуркович и Тома Декан, виолистот Рафаел Пањон и виолончелистот Симон Јашеме, својата индивидуалност ја обединија во гудачкиот квартет „Агат“. Овој квартет, формиран во 2016 година, со веќе освоено меѓународно признание (од Фондацијата за млади класични музичари во Лондон), успешно реализирани концерти на повеќе европски фестивали, а моментално и резидентен ансамбл при Фондацијата „Сингер Полињак“, ни ја презентираше својата брилијатност, артикулирајќи извонреден перфекционизам, во технички, интерпретативен и уметнички смисол.
Во својот концертен настап пред охридската публика, инструменталистите од квартетот „Агат“ се претставија со две бисерни дела од музичката класика, вреднувани во редот на најврвните достигнувања и во личните опуси на нивните автори – Гудачкиот квартет бр. 2 оп. 20 на Јозеф Хајдн и Гудачкиот квартет бр. 13 во B-dur оп. 130 со „Голема фуга“ оп. 133 на Лудвиг ван Бетовен.
Хајдновиот гудачки квартет бр. 2 оп. 20, е втор во низата од шесте гудачки квартети оп. 20, кои всушност претставуваат клучен пресврт во историјата на гудачкиот квартет, каде авторот, со контрапунктска разработка, постигнува еднакво учество на сите четири инструменти, давајќи му го при тоа, формалното и содржинското обележје на класичниот квартетски стил. На корицата на првото печатено издание е прикажана илустрација на сонцето, па оттогаш тие се познати и како квартети „Сонце“, што во симболиката на музикологијата се толкува и како изгрејсонце на гудачките квартети.
Изведувајќи го можеби најдобриот од сите шест, француските уметници уште на почетокот од првиот став го привлекоа вниманието на публиката, со нежниот, милозвучен настап на виолончелото, кое ја донесе темата со јасен израз во неговиот висок регистар. Беше навистина импресивно да се слушне совршеното испреплетување на сите четири инструменти, од прелевањето на светлата боја на првата виолина со темната нитка на виолончелото, до проѕирно чистата и сигурна придружба на втората виолина и виолата, која ненаметливо ја изведе доверената басовска улога. Веќе во мрачното и интензивно Адаџо, со беспрекорната унисоност во првите четири такта, а потоа и во прегледната изведба на богатата текстура од пасажи и фигурации, испрекинати со драматични паузи, квартетот „Агат“ недвосмислено го освои звучниот простор. Во непрекинатиот след на синкопираниот и хроматски дизајниран Менует, суптилно контрастираа со Триото, каде се издвои виолончеловата интерпретација на надолната секвенца, создавајќи алузија на драматиката од вториот став. Четворицата музичари, кулминацијата ја достигнаа во четвртиот став, кога на Хајдновото мајсторство во конструирањето на Фугата, му парираа со маестрална интерпретација. Четирите теми, со неверојатна леснoтија ги испреплетоа во сложен контрапункт, изведен во прецизно алегро и умешно одржувано sotto voce, кое на самиот крај, компатибилно го преобразија во дозирано форте, давајќи му строг израз на хомофониот завршеток.
Во логичен, историски и развоен континуиран след, по паузата, квартетот „Агат“ нè однесе во бујниот раскош на Бетовеновата мисла. Квартетот бр. 13 во B-dur оп. 130 со „Голема фуга“ оп. 133, како и сите квартети напишани во доцниот период од неговото творештво, пред самата смрт, се всушност лирско-филозофски поеми и во извесна смисла, своевидно сведоштво за случувањата во личниот свет на авторот. Овде, мислата ја подредува формата и ги крши законите, при што Бетовен отворено излегува од рамките на класичниот квартет, кои долго ги негувал и почитувал. Младите музичари, во своето уметничко толкување, се обидоа да навлезат во суштината на творечката замисла. Во првиот став, вешто се движеа низ крајностите на композиторот, спротивставувајќи ги алегрото и адаџото, но и обединувајќи се и разложувајќи се од унисоните, во густите сложени полифони текстури. Во краткото, но ефективно изведено Престо, слушнавме извонредни арпеџа; во третиот став, добивме пријатна, помалку шеговита скерциозна слика; додека во четвриот, во манирот на германски танц, музичарите, речиси и буквално танцуваа на своите инструменти, со брзите крешендо-декрешендо секвенци, разменувајќи и суптилни дијалози преку еднотактовите сола. Беше навистина импресивно да се биде дел од звучната слика на Каватината, во која, на главната тема, во меланхолично расположение донесена од виолината, останатите три инструменти, секој со своја впечатлива линија ѝ приредија компактна придружба. На крајот, заокружувајќи го целовечерното концертно претставување, француските уметници сета своја музикалност, техничка подготвеност и интерпретативно мајсторство, ги излејаа во Големата фуга. Енергично, но суптилно жестоко, ги изведоа сите композиторски предизвици на Бетовен, креирајќи ефективен, впечатлив крај.
Заклучокот од овој концерт е дека имавме можност да слушнеме извонреден перфекционизам, во кој младите музичари ја прикажаа компактноста на своето музичко размислување, оставајќи нè сите присутни со фасцинација од нивната усогласеност, меѓусебна поддршка, чувство за колективитет и едноставно, со сите карактеристики кои треба да ги содржи еден камерен ансамбл.
Александар Трајковски