„Simply quartet“ вечерва ќе музицира во црквата „Света Софија“

„Simply quartet“ вечерва ќе музицира во црквата „Света Софија“

Еден од најперспективните квартети од новата генерација „Simply quartet“ вечерва ќе настапи на фестивалот „Охридско лето“ . Концертот  ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Членовите на ансамблот, виолинистите Данфенг Шен и Антониа Ранкенсбергер, Ксианг Лју на виола и виолончелистот Иван Валентин Холуп Роалд  доаѓаат од Кина, Норвешка и Австрија и иако се релативно млад, интернационален ансамбл, тие веќе се здобиваат со одлична репутација на светската камерна музичка сцена.

„Simply quartet“ постојано ја истражуваат музичката литература барајќи дела кои ќе го претстават нивниот уникатен музички израз: од класични до современи дела за квартет.

Оригинално основан во Шангај под раководство на Јенсе Хорн-Син Лам, квартетот се сели во Виена каде на институтот „Јозеф Хајдн“ при Универзитетот во Виена студираат како ансамбл со Јоханес Мејсл кој е нивни најзначаен ментор по преселбата во Австрија. Исто така, квартетот добива значајно искуство низ годините поминати на Европската академија за камерна музика.
Досега се добитници на први награди на значајни меѓународни натпревари како „Карл Нилсен“ во Копенхаген, натпреварот „Квартети во Бордо“ во 2019 година, „Франц Шуберт и модерната музика“ во Грац во 2018 година и во 2017 година победуваат на натпреварот за камерна музика „Јозеф Хајдн“ во Виена.

Во сезоната 2021/22 квартетот е еден од избраните ансамбли на наградата „ЕХО“ со име „Ѕвезди во подем“ која им овозможува концертни настапи во „Бозар“ во Брисел, во Баден- Баден и „Концертгебау“ во Амстердам. Композиторката Јулија Лахершторфер пишува дело специјално за квартетот, а тие меѓу останатото ќе дебитираат во салата на Берлинската филхармонија, и во „Филхармонијата“ во Париз. Во Виенскиот „Концерхаус“ квартетот е дел од програмата „Големи таленти“, каде покрај концертите тие добиваат поддршка од истакнати уметници кои се дел од оваа програма.