Рецензија: Свечен концерт на камерниот мешан хор „Св. Климент Охридски“ под диригентство на  Панче Јосифов

Во предвечерјето на големиот христијански празник Св. Климент Охридски, во во рамките на фестивалот „Охридски лето“ во црквата Св. Софија, се одржа концерт на камерниот мешан хор „Св. Климент Охридски“ под диригентство на маестро Панче Јосифов.

Овој музички настан го восприемаме како повеќезначно случување со еднаква важност во сферата на уметноста, но и за духовноста како дел од нашата вековна православна традиција. Несомнено, токму изведбата на уметнички дела од македонски и светски автори, блиски до православното црковно пеење какви што имавме чест да слушнеме на концертот на хорот „Св. Климент Охридски“ е достоинствена манифестација за оддавање вредна почит кон патронот на Македонската православна црква и заштитникот на градот Охрид, Св. Климент Охридски. Зашто делата на Св. Климент Охридски имаат хумана, образовна, филолошка и над сè духовна димензија, па во таа смисла, за македонскиот народ се од непроценлива културолошка вредност. Освен тоа, да се исполни акустичниот простор на црквата Св. Софија со благороден звук на црковен хор е најсоодветен начин да се покаже посебен респект кон овој наш древен духовен храм, што веќе шеесет и две лета е дом за музичките уметници од целиот свет.

Делувањето на хорот „Св. Климент Охридски“ е поврзано со Архиепископскиот соборен храм Св. Климент Охридски од Скопје. Од 1992 година, кога е основан, има редовни настапи на неделните и празничните литургии, концертни настапи во храмот, но и мошне успешна концертна активност на многу сцени во Македонија и во странство. Хорот претставува единствена уметничка творевина со посебна важност за литургиските служби на нашата црква и православните верници, но и за збогатување на целокупните уметнички текови во културното милје на Македонија. Ансамблот придава посебна важност кон настапите на Фестивалот „Охридско лето“, каде годинава настапи по шести пат, токму во чест на нашиот светител Св. Климент Охридски.

За оваа пригода, Маестро Панче Јосифов и членовите на хорот се определија за програмски концепт, одличен колаж сочинет од дела од македонските современи композитори Кирил Македонски и Томислав Зографски, српскиот композитор Стеван Мокрањац, руските автори Александер Архангелски, Дмитриј Бортњански, Алексеј Лвов, Георгиј Свиридов, Сергеј Рахмањиноф, како и од Атанас Бадев, еден од првите македонски школувани композитори од деветнаесеттиот век. Стилистиката во целиот репертоар произлегува од традицијата на руското повеќегласно црковно пеење од епохата на романтизмот. Тоа е естетика што се стреми да досегне најблизу до она што без сомнеж би го нарекле божествена хармонија. Звучен склад, возможен единствено преку бојата на врвен вокален анасмбл, каков што е хорот „Св. Климент Охридски“. Започнувајќи со Химната на Св. Климент Охридски од Кирил Македонски, исполнета во свечен манир, појдовме на едно внимателно осмислено програмско патување, водено од хористите и Маестро Јосифов. Задоволство беше да се слуша како во секоја од жанровски усогласените  песни, уметниците истакнуваа по некоја сспецифика, задржувајќи  ја возбудата кај публиката што го проследи концертот во еден здив. Во совршената „Тебе појем“ од Мокрањац,  звукот на хорот „Св. Климент Охридски“ сводовите на црквата се исполни со блажено спокојство што постапно прераснуваше во моќни звучни кулминации („Богородице дјево, радујсја“ и „В молитвах неусипајушју“ – Рахмањиноф, „Страное рождество“ – Свиридов). Настапот на хорот „Св. Климент Охридски“ оддава впечаток на еден сложен колектив во чија подготовка, педантно се дотерува бистрата интонација, јасната дикција и динамичките градации.

Високите индивидуални технички квалитети на секој член од ансамблот (патем сите вокалисти се одлични професионални уметници) и максималната посветеност при обликувањето и на најситните детали во интерпретацијата, остварија кристално чиста креација, со цврста воедначеност на тонската емисија. Солистите Билјана Јосифов, Лидија Пшенко, Дејан Стоев, Невен Силјановски со своите гласовни перформанси ја збогатија и онака силната енергија на хорскиот состав. Во композицијата „Сијанием“ од Томислав Зографски, прозвучи топлата баритонска боја на Невен Силјановски, а сопранистката Билјана Јосифов со својот волуминозен глас блесна во песната „Тебе појем“ од Сергеј Рахмањоноф и предизвика видлива воодушевеност кај бројната публика во Св. Софија.

Но сепак, нагласено индивидуалниот белег на хорот „Св. Климент Охридски“ е дело на диригентот, Маестро Панче Јосифов. Низ звучната креација, се насетува богатиот музикалитет на раководителот. Тој покажува истенчено чувство за деликатно динамичко водење на мелодиските фрази низ гласовите и уверливо познавање на вокалната техника. Адекватно дозираните отворени и затворени вокали, обликувани според интензитетот и карактерот на мелодијата и хармонскиот слог, укажуваат дека диригентот одлично ја владее стилистиката на црковното пеење, ама и поседува добар уметнички вкус.

Широкиот спектар динамички нијанси од крајно суптилни пијанисима, внимателно водени крешченда до громки фортисима во вокалната маса на хорот “Св. Климент Охридски“ создадоа трепет и емоција што публиката можеше реално да ја почувствува. Таква вибрација единствено се доживува со моќна хорска изведба. Дотолку повеќе што еруптивниот одзив го слушнавме од шеснаесетгласовен ансамбл. Конечно, добро обликуваниот човечки глас е најсовршен музички инструмент.

Викица Костоска Пенева