Концерт посветен на великанот на македонската современа музика Александар Џамбазов ќе се одржи вечерва на сцената Долни Сарај со почеток во 21 часот.
Под диригентската палка на Љупчо Мирковски, солисти на вечерта ќе бидат пијанистот Бобан Мирковски, сопранот Наде Талевска и тенорот Ѓорѓи Цуцковски. Ќе бидат изведени познати композиции од маестро Џамбазов.
Македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов почина на 25 јануари годинава а зад себе остави богат творечки опус. Тој е автор на сценска и филмска музика, на детски песни, на дела од класичната музика, а исто така е композитор на хорски песни, како и на голем број популарни мелодии. Иницијатор е, и долгогодишен диригент на фестивалот на детски песни „Златно славејче“.
За својата обемна творечка дејност во областа на музиката, маестро Џамбазов е добитник на бројни стручни награди.