Годинешното 62-ро „Охридско лето“ ќе биде затворено денеска со театарската претстава „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Егон Савин, а во продукција на Југословенски драмски театар – Белград, Србија.Претставата ќе се игра на Античкиот театар со почеток во 21 часот.
Чехов ги воведе времето во драмата и драмата во времето. Неговите ликови се прашуваат дали грешката може да се занемари а поминатото да се надомести.
-Можете да ги подобрите социјалните услови колку што сакате, но секогаш ќе има луѓе чии надежи ќе бидат изневерени, амбиции неисполнети, луѓе кои очајно ќе се вљубат во жени кои не ги сакаат, кои нема да можат да ја искористат можноста која им се нуди. Некои повеќе ќе ја сакаат бескорисната убавина и сопствената жртва отколку користа или добивката. Секогаш ќе има луѓе кои ќе бидат несреќни поради причини кои ниту едно општество не може да ги елиминира бидејќи тие причини не се ниту политички ниту социјални, туку егзистенцијални. Драмата на Чехов е потопена во време кое носи настани што ќе ги видиме и кои ќе исчезнат во времето што продолжува да тече. „Вујко Вања“ е приказна за времето што поминало, како што годините од нашите животи се претвораат во месеци и деновите во часови и минути, а потоа се слеваат во бескрајната река на времето. Реката без брегови, вели режисерот Егон Савин.
Егон Савин е редовен професор на Катедрата за театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Има режирано разновиден драмски репертоар, од современи домашни автори до светски класици во најголемите национални театри. Работел низ поранешна Југославија и во странство: Будимпешта, Трст, Горица, Белград, Загреб, Нови Сад, Скопје, Сараево, Подгорица, Риека, Сомбор, Крушевац и Зрењанин.
Во Југословенско драмско позориште – Југословенскиот драмски театар режирал голем број претстави и е повеќекратен добитник на најзначајните награди за режија во Србија, но и надвор од неа.