„Нема поголемо задоволство кога на крајот од 40-те фестивалски денови ќе кажете, реализиравме уште едно успешно „Охридско лето“. Горда сум што токму сега можам да кажам, изминаа вечери исполнети со многу убавина на врвната уметност кои долго ќе се паметат“.
Ова денеска на завршната прес-конференција по повод затворањето на годинешното 62-ро издание на фестивалот „Охридско лето“ го изјави директорката на оваа национална установа, Наташа Поповиќ.
Како што кажа Поповиќ, низ 40-те фестивалски денови можеа да се видат големи музички ѕвезди, врвни театарски претстави, премиери, настани за кои се бараше карта повеќе, но и гости од целиот свет.
-Бевме сцена на која се прикажаа многу новитети во третманот на уметноста, во новите естетики, во новите видувања на уметничките дела. Врвни светски уметници настапија и на вечерите организирани со поддршка на Амбасадите од кои ги добивме и најголемите пофалби за беспекорната организација. Реализиравме фестивалско издание кое ги задоволи вкусовите и на најпребирливата публика. На сцените на Античкиот театар, црквата Св.Софија, Предворјето на Св. Софија, Долни Сарај и Центарот за култура со одржаа 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Настани кои беа проследени од над 20-илјадна публика која уживаше во секоја вечер, рече Поповиќ.
Директорката нагласи дека „Охридско лето“ годинава пречека над 1000 уметници од 25 земји од светот.
-Позитивната критика и задоволството што го искажаа уметниците за беспрекорната организација нѐ прави горди но и нѐ обврзува секоја следна година да ги подобруваме условите за нивниот настап. Во таа насока веднаш по завршувањето на ова „Охридско лето“ започнуваме со подготовка на програмата за 63-то издание за кое можам да најавам многу новини, многу славни имиња а веќе се договорени и неколку копродукциски проекти. Ваквата соработка ќе овозможи и подобро наше претставување на светската културна сцена, додаде директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, изразувајќи огромна благодарност до тимот на фестивалот кој според неа, професионално го сработи годинешното издание, како и до селекторите на музичката и на драмската програма, Бисера Чадловска и Сања Арсовска.
Музичката селекторка Бисера Чадловска, на денешната прес-конференција рече дека е горда што зад нас останува уште едно успешно фестивалско издание.
– Музичкиот дел на фестивалот заврши вчера, го заокруживме со концерт посветен на маестро Александар Џамбазов, но претходно имаше 30-тина музички настани, концерти кои се одржаа во текот на фестивалот. Пресреќна сум како изгледаше сето тоа и сум презадоволна од квалитетот на уметниците кои настапија. Посебно сум горда на нашите македонски уметници кои се покажаа во најдобро светло и докажаа дека можат да се носат рамо до рамо со сите светски музичари на ова време. Се радувам што имавме задоволна публика, но и на одзивот на уметниците кои беа присутни на фестивалот. После секој концерт, во разговор со нив, тие беа импресионирани од градот и од топлиот прием што ги инспирира да имаат поубав настап на фестивалот, појасни селекторката Чадловска.
Упатувајќи огромна благодарност до вработените на НУ „Охидско лето“ и до директорката Поповиќ, за како што рече, професионалниот и трпелив ангажман во реализиацијата на 62-то „Охридско лето“, драмската селекторка Сања Арсовска, рече дека во драмскиот дел годинава беа прикажани 10 театарски претстави од кои шест домашни, а останатите интернационални.
-Имавме рекорден број претстави од жени режисерки и огромна посетеност. Тоа е тоа што ме радува и ми дава еден порив и силна желба за следната година да имаме уште подобра програма. Вечерва, на финалето на фестивалот го имаме Југословенскиот драмски театар од Белград со претставата „Вујко Вања“ од Чехов, режирана од Егон Савин. Чехов претставува еден вектор којшто ја одредува количината на несреќа и квалитетот на болка и никој како него не може да го опише тој жеден мазохист за страдање кој се наоѓа во нашите бедни, мали и промашени животи, како и оној порив да се направи нешто и да се тргне некаде без притоа да се направи ниту еден чекор, кажа драмската селекторка Арсовска.
Директорката на Југословенскиот народен театар Белград, Тамара Вучковиќ Манојловиќ на прес-конференцијата потсети дека Југословенскиот народен театар Белград настана во далечната 1947 година со идеја да ги собере на едно место најдобрите уметници од целата поранешна југословенска земја, она што денес го нарекуваме цел регион.
– Во Југословенскиот народен театар работеле и работат Слободан Унковски, Александар Поповски и Дејан Дуковски, покојниот Горан Стефановски и бројни други уметници од целиот регион. Југословенскиот драмски театар има сериозен континуитет во меѓународната соработка, учествува на фестивали ширум светот и разменува претстави со театарски куќи од целиот свет, од Јужна Америка преку Европа, Русија, до Кина. Она што е исто така важно да се каже, е дека Егон Савин е еден од најеминентните режисери кој работи во целиот регион и редовно во Југословенскиот народен театар, рече директорката на Југословенскиот драмски театар Тамара Вучковиќ Манојловиќ.
Познатиот и признат режисер Егон Савин, не го криеше задоволството што повторно, како и минатата година ја има честа да го затвори фестивалот „Охридско лето“ со исклучително квалитетна театарска претстава.
-Ги сакам Охрид и Скопје, сакам да работам во Македонија, ја сакам оваа средина колку што го сакам Белград во кој живеам. Го сметам за успех тоа што кога некаде работам нешто, да стекнам пријатели таму. Тоа секогаш ми се случува во Македонија затоа ја издвојувам оваа средина од сите во кои сум работел, а сум работел во сите поранешни региони во поранешна Југославија и надвор од неа. Чехов е најсуптилен меѓу писателите за театар, Чехов од некои причини, е писател за човечката интима и тешко е да се игра на големи сцени и на отворен простор зашто тој во својата природа е камерен писател и неспоредливо е важна импресијата од експресијата. Веруваме дека сме направиле добра претстава и ќе вложиме огромен напор да го совладаме огромниот атрактивен простор на Античкиот театар и да се обидеме да го доловиме тој интимен свет, приказната за малите промашени луѓе кои чувствуваат празнина, рече Савин.
Театарската претстава „Вујко Вања“ вечерва ќе го затвори 62-то „Охридско лето“ на Античкиот театар во Охрид со почеток во 21 часот.