Рецензија: Страствено фламенко за роденденот на „Охридско лето“

Четвртиот ден во август, традиционално, фестивалот „Охридско лето“ го одбележува својот роденден. Не само тогаш, но тој ден, заради симболиката што ја носи, сосем разбирливо и логично, фестивалот концентрирано и интензивно потсетува на своите почетоци, ретроспектирајќи ги највисоките дострели. Неодминливо, со сета почит, тој ден, особено се чествуваат ликот и делото на оперската уметница Ана Липша-Тофовиќ и нејзиниот историски концерт, тој, 4. август 1961 година, во вонвременската убавина на охридската црква „Света Софија“, со кој  всушност и започнува долгата и богата шестдецениска фестивалска одисеја. Оттогаш, па наваму, сè до денес, „Охридско лето“ не само што поставува организиран систем на летни музичко-сценски претстави кои му даваат сјај и убавина на Охридското Езеро, туку прераснува во моќен двигател на бројни културни процеси и дострели во државава, кои ја вбројуваат во светските анали.

Како и секоја година, културниот настан со кој се одбележува роденденот, е издигнат на највисоко ниво, споредувајќи ја неговата атрактивност, понекогаш и со онаа на отворањето. Така беше и оваа година. Со особено внимание и интерес во деновите пред случувањето, низ охридската, но и воопшто, низ македонската културна јавност, се зборуваше за роденденскиот концерт. Настапот на фламенко балетот „Луксурија“ од Шпанија, во моментов, една од најспектакуларните фламенко продукции во светот, несомнено предизвика големо внимание кое беше преточено во преполниот аудиториум на Античкиот театар сместен среде срцевината на охридската магија.

Најнапред, директорката на фестивалот, истакнувајќи ја почитта кон сите кои ги вложија своите капацитети во градењето на „Охридско лето“, ја испрати пораката за слава на уметноста и годините испишани со богата историја и имиња од светската музичка и театарска елита. Во знакот на зајакнување на културните односи помеѓу Кралството Шпанија и Република Северна Македонија пак, пред самиот почеток на концертот, свое обраќање имаше и шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија.

Она што го видовме таа роденденска вечер на сцената на Античкиот театар, во една сумирана размисла, може да се опише како раскошна палета на суштински емоции, прикажани преку музичко-сценскиот перформанс. Видовме и доживеавме многу страст, напнатост, комплексна динамика, алузија на љубов, сценирање на интриги и трагедија. Всушност, имавме можност да присуствуваме на едно атрактивно шоу, кое ни презентираше иновативни комбинации на традиционалното и модерно фламенко. Приказната на „Луксурија“, во центарот го позиционира машкиот лик, обременет со бројни внатрешни конфликти, кој иако навидум самоуверен во освојувањето на женскиот пол, се судира со големи потешкотии кога треба да се сретне со љубовта на неговиот живот. Комплексно инволвиран, чувството на страст му попречува да ги искаже вистинските емоции… Во целата оваа приказна, зачинета со мини-ансамблови (еден солистички машко-женски пар и пет танчерки) фламенко точки, играчите изведоа привлечен танц, во кој до израз дојдоа слободата и гордоста на движењето на телото. Вештите танчери, го прикажаа целото богатство на телесниот израз, чувствителноста и длабочината на движењата, чиј визуелен впечаток беше збогатен со раскошна костимографија.

Музичката подлошка на „Луксурија“ пак, во себе содржеше две екстремни крајности – традиционалниот и модерниот пристап, спакувани во едно богато соединение во кое се испреплетуваат конвенционалната фламенко музика, класиката и џез елементите. Музичкиот состав (машки вокал, гитара, удиралки, флејта, саксофон и пијано), беше рамноправен партнер на танцот, градејќи ја звучната атмосфера, но излегувајќи повремено и во преден план, со виртуозните и богато накитени интерлудии, одржувајќи го континуитетот во текот на сценската и костимографска промена на сликите.   

Уметничките, кулминативни пикови, недвосмислено можеме да ги лоцираме во перформансите на машкиот солист танчер, на вокалниот изведувач и на пијанистот. Танчерот Давид Гутјерез, воедно и кореограф на овој спектакуларен перформанс, претставуваше центар на танцовото дејствие, создавајќи импресивни креации со своите мајсторски солирања. Со лесните, филигрански нижени чекори, успевајќи да оформи палета од бујна ритмика и динамика, предизвика вистинска сензација, често воспоставувајќи интеракција со публиката, која вдахновено реагираше на неговите импулси. Вокалот на Алберт Касес, кој таа вечер го реализира својот премиерен настап со овој состав, исто така беше една од најмаркантните појави на целиот перформанс. Тој се претстави со мошне карактеристична, особено изразита вокална интерпретација, заснована на богати контрасти, оплеменувајќи ги мелодиските линии со бујна орнаментација, но и гласовни промени кои се движеа од грлени звукови, до нежни фалсети. Од инструменталната придружба на приказната „Лукреција“ пак, со виртуозно впечатлив настап, се издвои пијанистот Алехандро Мартинез, кој во еден од интерлудиите, ја импресионираше публиката изведувајќи своја авторска композиција, натопена со колористичко наслојување на линиите, богатство од акордски комплекси и фигурациски преобразувања.

Говорот на публиката, манифестиран преку воодушевувачките реакции и долготрајните и бројни аплаузи, беше јасен показател дека изборот за годинешното роденденско прославување ги оправда високите очекувања.

Александар Трајковски