Рецензија: Младешкиот елан на триото „Инсендио“

Читајќи ја биографијата на триото „Инсендио“ од Република Чешка, сочинето од младите уметници Каролина Франтишова (пијано), Филип Зајков (виолина) и Вилем Петрас (виолончело), добиваме солидна основа, за априори да изградиме позитивно мнение и со таква поткрепа, да пристапиме кон слушање на нивното музицирање. Имено, овој камерен состав, основан во 2016 година во Прага, во својата шестгодишна актива реализира низа успешни концертни претставувања во повеќе значајни концертни сали (салата на Берлинската филхармонија, „Вигмор Хол“ во Лондон, „Рудолфинум“ во Прага и др.), паралелно освојувајќи и награди на повеќе национални и меѓународни натпревари за класична музика („Куп“ наградата во Кремона, награда на натпреварот „Марчело Понтило“ во Фиренца, награда на натпреварот за камерна музика „Јозеф Јоахим“ во Вајмар, Виенската награда за класика на Летната академија во Рајхенау и тн.), што на неговото портфолио му дава особена тежина.

Вечерта на концертот на младите чешки музичари во црквата „Света Софија“, одржан во атмосферата на националното илинденско празнување, имавме можност и директно да се увериме во сето она што го читавме преку извадоците од критиките и написите во фестивалскиот каталог. Имавме прилика да се запознаеме со нивното пасионирано музицирање, стилската јаснотија и убавина на звукот. На својот прв настап во Охрид, членовите на триото „Инсендио“, со очигледно видлив шарм и пријатна, позитивна енергија, успеаја да ѝ се наметнат на публиката, приредувајќи пријатен концерт, гравиран со млад, ентузијастичко полетен, рафиниран музички израз. Со својот настап, младите музичари оставија впечаток на сериозен камерен состав, со подеднаква, максимална индивидуална посветеност на секој член одделно.

Програмската содржина ја поставија на три пијано триа, секое за себе со особена вредност во литературата на камерната музика, па така, преку нивната интерпретација имавме можност да ги слушнеме композиторските имагинации за пијано, виолина и виолончело, на Франц Лист, Бохуслав Мартину и Антонин Дворжак.

Веќе со првото дело таа вечер, „Тристиа“ од „Долината на Оберман“ S. 378с (Ѕ. 723) за пијано трио, на Франц Лист, членовите на триото „Инсендио“ ја прикажаа својата интерпретативна способност. Градејќи ја драматиката на ова создание со суптилно оформување на широките мелодиски линии, имавме можност да го почувствуваме квалитетот на звукот од нивните инструменти, полн со широк спектар на колоритност – сјајниот, нежен и мек тон на виолината, впечатливата длабока звучна продорност на топло распеаното виолончело и богатата, низ сите регистри, воедначена боја на пијаното.    

По првичните импресии постигнати со изведбата на Лист, тројцата инструменталисти пристапија кон оформување на звучната слика на „Пијано триото бр. 3 Н 332“ од Бохуслав Мартину, кое е едно од делата кои се континуирано присутни на репертоарот на ова трио последниве години. Профилирајќи се како камерен состав чија специјалност е токму изведбата на дела од овој еминентен чешки композитор, „Инсендио“, на натпреварот кој го носи неговото име, ја добиваат специјалната награда за најдобра интерпретација на негово дело. Покрај тоа, носители се и на наградата именувана „Бохуслав Мартину“, доделена на Летната академија во Рајхенау, организирана од Универзитетот за музика во Виена. На концертот во „Света Софија“, успеаја сликовито да ја претстават структурната комплексност на неговото трето Пијано трио, покажувајќи огромно познавање за неговата исклучителна композиторска софистицираност. Подеднакво дозирано распределувајќи ја звучната материја, синхронизирано ги остваруваа динамичките и ритмичките контрасти во првиот став Алегро модерато. Градејќи го интензитетот во кулминативните точки, а потоа и смирувајќи ја тонската атмосфера, во континуитет, беспрекорно ја одржуваа компактноста на целината. Во вториот став, Анданте, ги прелеваа нијансите во меѓусебните елегични дијалогизирања, додека во третиот, Алегро, изразените црти на индивидуалност, совршено ги вклопија во интерпретативната унитарност.

По паузата, надоврзувајќи се на Мартинуовото трио, концертното претставување го заокружија со изведбата на „Пијано триото бр. 2 оп. 26“ на Антонин Дворжак, изразувајќи ја доминацијата на чешкото творештво во програмската содржина. Првиот став од оваа циклична композиција на познатиот романтичар, членовите на „Инсендио“ го започнаа со цврст и сигурен акордски настап, влегувајќи во еден музички разговор, воден помеѓу сите три инструменти, преку кој, со фрагментарна мотивска разработка, развија страствена мелодија. Во Ларгото, бојата на виолончелото кое ја донесе темата, го детерминираше тажното расположение, додека во Скерцото, со јасна канонска имитација, тројцата инструменталисти создадоа возбудлива мелодиско-ритмичка раздвиженост. Со прецизното пицикато на виолончелото, наспроти стакатото на виолината и пијаното, предизвикаа извонредна ритмичка „дискусија“. Озвучувајќи ги немирните авантури од партитурата на Дворжак, во фугата во последниот став, развија интересен контрапункт, приредувајќи фуриозен завршеток.  

Беше тоа уште едно музичко доживување во кое младешкиот елан, засилен со исклучителна професионалност, го оплемени концертниот простор на „Охридско лето“.

Александар Трајковски