НУ Охридско лето продолжува со реализација на концерти надвор од традиционалната рамка 12 јули-20 август. По повод денот на Македонската книжевност, на 5 мај (петок) со почеток од 20 часот во црквата Св. Софија авторски концерт на уметничка вокално-инструментална музика ќе одржи Љупчо Коскаров заедно со Марина Јаневска – сопран, Илија Белистојаноски – тенор, Иван Трајковски – виолина, Филип Михајловски – канон и Дарко Мариновски – пијано.
„Концертите кои ги реализиравме изминатиов период се само доказ дека градот, нашата верна публика, има потреба преку цела година од културни настани кои, пред сѐ, се издвојуваат со квалитет. Продолжуваме и во иднина по патот кој го прави Фестивалот поатрактивен и попривлечен за уметници и за љубителите на уметноста“, вели директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Програмата за концертот е составена од македонска уметничка музика која е инспирирана и посветена на таткото на авторот Блажо Коскаров – познат кларинетист од Кавадарци кој оставил силни пораки и чувства за музичкото наследство врз својот син и идните музички таленти. Музиката е компонирана во период од 5 години, снимена е аудио, сѐ со цел да не се заборават традиционалните музички теми кои што живееле 200 години наназад низ историјата.
„Овие оригинални композиции претставуваат заштита на македонската музичка литература и се вбројуваат во вечноста на светската музичка литература“ , вели Коскаров.
Љупчо Коскаров спаѓа во редот на најистакнатите македонски уметници од областа на музичката уметност. 20 год е член на Македонската филхармонија како прв трубач и солист во оркестарот. Соработувал со голем број на диригенти, пијанисти и други инструменталисти. Остварил голем број на концерти како солист, со камерен ансамбл и во камерни дувачки состави.
Учествувал на најпрестижните натпревари и се усовршувал на семинари и мастер класови во Минхен-Германија кај Р.Гетлер, во Париз-Франција кај М.Андре, Абердин-Англија кај Џ.Дикенсон. Учествувал на сите големи натпревари во Љубљана, Загреб, Белград и Скопје и освоил две први сојузни награди во Љубљана и Скопје.
Коскаров студирал во Љубљана, магистрирал во Софија а во 2010 година докторирал на тема ,,Образованието по труба во Р.Македонија“ и се стекнал со највисокиот степен ,,Доктор на науки“. Во моментот работи како редовен професор на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима и е декан на Факултетот за музика.