Најубавите традиционални македонски бисери прозвучија како класични дела

Македонски традиционални мелодии преработени уметнички како класични дела беа изведени на концертот што се одржа вчеравечер во организација на НУ „Охридско лето“.

„Деспина“, „Дафино“, „Налеј, налеј“ „Чифлик“, „Тиквешки марш“ беа дел од композициите кои ја воодушевија публиката во катедралната црква „Света Софија“.

Концертот е авторски проект на еден од најистакнатите македонски уметници Љупчо Коскаров кој настапи заедно со канонистот Филип Михајловски, пијанистот и композитор Дарко Мариновски, сопранот Марина Јаневска, тенорот Илија Белистојаноски, како и со младиот виолинист Иван Трајковски.

-Настапивме со специјална програма. Се работи за авторски проект подготвуван цели пет години. Минатата година програмата беше изведена премиерно во Истанбулската филхармонија, и еве, дојде денот кога треба и во Охрид да ја отсвириме „Деспина“, една од најубавите композиции од овој крај. Традиционалните македонски мелодии се нотирани и  направени уметнички, за секстет, за симфониски оркестар, но и за други камерни ансамбли.Се трудиме да ги афирмираме овие композиции за да не одат во заборав. „Деспина“ како што се пее во Охрид, да се пее и во Париз, и во Истанбул и секаде каде што настапуваме. Тука е и „Тиквешки марш“ којшто личи на „Радецки марш“. Сакаме како Македонци да кажеме, еве, имаме и ние таква композиција која со гордост ја претставуваме, изјави уметникот Коскаров.

Самата музика на композициите и концертот беа посветени на таткото на Коскаров, познатиот кларинетист Блажо Коскаров од Кавадарци којшто почина минатата година.

-Ни беше чудно како публиката во другите земји каде настапуваме ги прифаќа овие композиции со аплаузи и стоечки овации. Тоа е голема радост. Ние твориме и пишуваме, но не знаеме како ќе  бидат прифатени тие композиции. Но сега кога гледаме дека реакциите се воодушевувачки, едноставно се чувствуваме исполнето. Кај нас уметниците, емоциите се секогаш во преден план. Сакаме да донесеме позитивна енергија, позитивна музика, додаде Коскаров.

Тој  појасни дека македонската класична музика е многу силна и за разлика од порано, сега ја почитува целиот свет.

-Можам да кажам дека во текот на изминатиот период не се посветуваше толку внимание на овие наши прекрасни композиции од страна на нас, уметниците и композиторите, но ние се потрудивме, иако е многу тешко, да ги направиме во форма на сонати, свити…. да личат на класични дела. Тоа е начинот на којшто нашата музика може да ја разбере цел свет. Партитурите што ги свириме ние, можат да ги свират и во Париз, Минхен, Берлин, насекаде, рече Коскаров.

Програмата што Коскаров заедно со секстетот ја донесе на концертот во Охрид, деновиве ќе биде изведена во Истанбул и Измир, Република Турција.