На Античкиот театар вчеравечер свечено отворено 63-тото „Охридско лето“

Со грандиозен концерт на светски познатата оперска дива Ангела Георгиу која настапи  во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет и под диригентската палка на романскиот маестро Чипријан Теодорашку, вчеравечер  започна 63-тото издание на најголемата музичко-сценска манифестација во земјава и регионот, фестивалот „Охридско лето“.

Со исклучителниот  вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција, оперската дива Георгиу уште еднаш го потврди својот висок статус во светот на операта, приредувајќи незаборавна вечер за бројната публика на Античкиот театар.

Фестивалот, по традиција го отвори, покровителот, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој рече дека повеќе од шест децении „Охридско лето“ е место каде што пристигнуваат најрелевантните уметнички продукции од сите страни на светот. -Не постои ништо поважно од континуитетот во градењето на институционалната меморија на нацијата. Фестивалот „Охридско лето “ е парадигма за токму таквиот континуитет, кој преку својот шеесет и три години грижливо архивиран и развиван институционален капитал остава темелни траги во меѓународната размена на културни и уметнички вредности. Во овој древен град, се чува античкото, но, се создава и вреднува и современото. Тука раскошот на природниот амбиент со векови ги инспирира луѓето да го покажат најдоброто во градителството, уметноста и духовноста. На таа хармонија и убавина, на историјата и културата, фестивалот „Охридско лето“ природно и спонтано  се надоврзува, нудејќи го најдоброто од музичката и сценската уметност, грижливо селектирано од сите светски меридијани. При тоа,  фестивалот остава длабока трага помеѓу бројните цивилизациски и културни слоеви напластени во овој навидум мал, а толку многу значаен простор, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот истакна дека круцијален императив  е да се задржи нивото и квалитетот што со себе го носи фестивалот, зашто,како што додаде, само на тој начин ќе се остави достоен печат на своето постоење во времето во кое живееме, но истовремено ќе се остават и вредности и патокази за следните генерации.

-Во мигови кога човештвото се наоѓа пред безброј предизвици кои ги негираат клучните цивилизациски придобивки, повеќе од потребни ни се уметноста и културата преку кои ќе повратиме дел од загубените или злоупотребени вредносни системи, рече претседателот Пендаровски, прогласувајќи го фестивалот „Охридско лето“ за отворен.

Министерката за култура на Република Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска  истакна дека фестивалот граден со генерации и генерации е етаблиран во редот на најдобрите пет елитни фестивали во Европа, и веќе три децении се одржува  на оваа престижна листа.

-Во време во кое пред очи ни се менува светот со брзина напати тешко совладлива за нашиот разум, брзина која заплашува и ни се чини дека не ветува ништо добро, уметноста, како и многупати досега, ни го чува стравот со својата смирувачка порака – сè ќе биде во ред! Да. Во свет во кој секојдневно ударни наслови се лошите и лажните вести, вестите од културата одат сè подолу, до невидливост. За среќа, оптимистите и уметниците вестите ги читаат со поинаков редослед. Тие знаат дека без уметноста, животот би бил неподнослива празнина. Затоа, „Охридско лето“ е подарок. А токму овие седишта од камен на кои седиме во „Античкиот театар“ се сведоштво дека културата кај нас има стар датум. Таков е нашиот Охрид, со право – наша духовна престолнина, наш неизбришлив културен код, лулка на сесловенската писменост. „Охридско лето“ е неговата најдобра разгледница, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Уметничката порака годинава годинава ја пренесе реномираната македонска диригентка Бисера Чадловска која  во име на сите уметници посака уште едно успешно издание на фестивалот.

– „Охридско лето“ по 63-ти пат ќе им посака добредојде на уметници од сите делови на светот,  а тие одовде ќе си заминат со срце полно убавина и ќе продолжат да ја шират приказната за Охрид, за традицијата на фестивалот, за незаменливата охридска публика. Како уметник кој ја почувствувал возбудата и гордоста кога застанал на овие сцени, сега и од другата страна ги доживувам истите чувства на секој концерт, на секоја театарска претстава, секоја изложба…За нас уметниците, овие сцени во Охрид се остварување на соништа кои сме ги сонувале од деца, мислејќи дека можеби никогаш нема да ни се реализираат. Но, еве сме тука, исполнети, горди и нетпреливи да го слушнеме првото штимање на оркестарот, кое ќе не внесе во претстојните 40 дена исполнети со прекрасна уметност, кажа Чадловска.

Почетокот на 63-тото издание на „Охридско лето“ беше означен со традиционалниот фестивалски оган што го запали директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ и интонирање на фестивалската химна напишана  од еден од најпознатите македонски композитори Томислав Зографски, како и со кревање на фестивалското знаме кое заедно со огнот ќе бидат препознатлив симбол на фестивалските денови  во наредните 40 дена.