Анџела Георгиу – живот посветен на уметноста

Свечено отворање на фестивалот „Охридско лето“ 2023

Блескавиот и помпезен свет на оперската уметност, има силна поврзаност со фестивалот „Охридско лето“ уште од мигот кога Ана Липша Тофовиќ во далечната 1961 година со својот глас го облагороди просторот на црквата Св. Софија и ја разбуди нејзината мистична акустика. Импресивна е низата врвни вокални уметници што доаѓаа во Охрид и го градеа светското реноме на нашата најзначајна музичко – сценска манифестација. Тоа стана традиција, а во тој чудесен мозаик и годинава, уште една ѕвезда блесна на сцената на Античкиот театар и го одбележа отворањето на шеесет и третото „Охридско лето“.

Анџела Георгиу, во светот на современата опера, без сомнение е синоним за уметник од највисока светска класа. Со својата појава во деведесеттите години на минатиот век, се етаблира како сопранистка што молскавично ги освојува сите најпрестижни оперски сцени.  Од Лондонскиот „Ковент Гарден“ и Њујоршкиот „Мет“, милиони ширум светот се поклонуваат на нејзината музика и таа вешто ја пренесува “old fashion” – уметноста во хаотичниот свет на дваесет и првиот век. Анџела Георгиу е во зрела фаза од нејзината кариера и години што во најмала рака го преобликуваат волуменот и бистрината на тој толку деликатен дар на природата како што е човечкиот глас. Но, величината на врвните уметници како Анџела Георгиу е токму во напластеното, долгогодишно сценско искуство, неброените изведби и ролји. Таа има уште многу да им подарува на своите обожаватели. Се разбира во основата лежи и нејзиниот раскошен, природен, вокален дар без кој е невозможно да се достигнат височините на интернационалната слава и признание.

Возбудлива беше и самата помисла дека на наша сцена ќе ја имаме привилегијата за средба со таков прочуен уметник – Анџела Георгиу. И по кој знае кој пат таа привилегија ни ја овозможува фестивалот „Охридско лето“.

Отворањето на шеесет и третото издание на „Охридско лето“ беше свечен гала концерт, што преку репертоарската свежина и разновидност ја упати безвремената оптимистичка порака на уметноста, секогаш актуелна, без оглед на општествениот миг во кој живееме.

А во фокусот на креативниот чин, таа – Анџела Георгиу.

Романтичните арии што ги слушнавме се само мал дел од нејзиниот богат репертоар, но доволни да доживееме многу од тоа творештво.

Првите две арии “…Io son I’umile ancella” од операта „Адријана Лекуврер“ од Франческо Чилеа и “In quelle trine morbide”  од операта „Манон Леско“ од Џакомо Пучини, претставуваа дискретен вовед во нејзиното претставување на концертната вечер. Длабоката симболика во оваа возвишена музика е дека врвните уметници се благословени да бидат допрени од музите и нивна мисија е да ја облагородуваат публиката што ужива во нивните креации. И во двете арии Анџела Георгиу ја претстави суптилната страна на нејзиниот вокален перформанс каде што на мошне префинет начин  обликуваше фини, „затворени“ вокали во рафинирана piano и pianissimo динамика, остварувајќи ја музичката материја со извесна доза на дискреција и воздражаност.

Во популарната „Хабанера“ пак, Анџела Георгиу ја слушнавме како една темпераментна, но зрела Кармен, која и во шестата деценија од животот и тоа како умее да биде заводлива и да плени со својата женственост и убавина.  

Без сомнение ако навлеземе во најскриените финеси на творечкиот лик на оваа харизматична уметница, ќе откриеме дека ариите “Donde lieta usci” од операта „Боеми“ и “Un bel di vedramo” од „Мадам Батерфлај“ од брилијантниот претставник на веризмот и ненадминатата романтична италијанска опера од деветнаесеттиот век, Џакомо Пучини, се нејзин фах по кои е препознатлива и низ кои најделикатно го преточува своето вокално вдахновение. Во овие арии, сами по себе исклучително префинети музички пиеси, го доживеавме настапот на Анџела Георгиу во полн сјај. Богатиот волумен и широк распон на нејзиниот глас во себе содржи дословно повеќе различни вокални претстави и бои… мецосопранска длабочина и драматичност … нежна и суптилна лирика во средниот регистар и моќна продорност во кулминативните точки на високиот регистар, во кои ни за миг нема отстапка од интонативната прецизност.

Веќе сосема разиграна и на општо задоволство на публиката видно расположена, во завршниот дел на концертот Анџела Георгиу со леснотија ги изведе аријата “Ebben ne andro lontana” од операта „Ла Вали“ од Алфредо Каталани, соло песната “Non ti scordar di me” од Ернесто Де Куртис и на бис, аријата “O mio babbino caro” од операта „Џани Скики“ и популарната „Гранада“ од мексиканскиот композитор Агустин Лара.

Средбата со Анџела Георгиу за публиката на „Охридско лето“ е возбудлива зашто таа е уметник со магична привлечност и аура што зрачи не само од нејзиното суптилно и умешно профилирано пеење, туку и со една одмерена актерска игра што непосредно и топло се обраќа на публиката, изнудува непосредна наклоност, при тоа сепак здржувајќи ја префинетоста и отменоста во изразот, што и дава одлика на вистинска оперска дива од калибар на ѕвездите од минатиот век и златното доба на оперската уметност.

За Анџела Георгиу се пишува, се зборува многу. Едноставно, таа е примадона што каде и да се појави привлекува особено внимание. Заради гласот, заради стасот, но таа е позната и по својата хировитост, како уметник со изразит персоналитет, што не отстапува од своите замисли при подготовките на нејзините уметнички креации. Следејќи го непосредно концертот на „Охридско лето“ се наметнува заклучокот дека тоа е основано, за уметник со таква тежина и толку грижливо водена музичка кариера и живот во целина посветен на уметноста.

Неодминливо концертниот сјај на уметник од ваков перформанс, мора да е поткрепен со квалитетен орекестарски ансамбл и цврста диригентска палка, што на овој концерт им беа доверени на оркестарот на Националната опера и балет од Скопје и гостинот – диригент од Романија Чипријан Теодорашку. Енергичен и максимално подготвен, диригентот Теодорашку беше сигурна и цврста водилка на нашиот оркестарски ансамбл, што во сите инструментални секции покажаа сигурност и стабилност во настапот, но и музикална интерпретација. Особено е важно да се нагласи дека меѓу диригентот и солистката струи усoгласено дишење и флуид, очигледно како плод на заедничко музицирање и познавање. Кон тоа, оркестарот на Националната опера и балет од Скопје имаше свое одлично претставување како придружба низ вокалните делници на Георгиу, но и во оперските увертири од Верди и Бизе, атрактивните извадоци од балетот „Ромео и Јулија“ од имагинативниот свет на Прокофјев и популарниот петти унгарски танц од Брамс. Нашиот ансамбл покажа ниво на високо професионално подготвен оперски оркестар, достоен за величественоста на пригодата.

Резимирајќи ја импресијата од концертот, впечатокот е дека имавме ретка привилегија да присуствуваме на уникатно уметничко доживување.

Преполниот Антички театар и ова шеесет и трето свечено отворање, ни потврдува дека „Охридско лето“ е централен настан во областа на културата кај нас што секое лето ги надинува сопствените достигнувања и заслужено освојува високи позиции во елитното друштво на реномирани уметнички фестивали во Европа.

Non ti scordar di me…

Да, овој концерт на „Охридско лето“ нема да го заборавиме.

Викица Костоска Пенева – музиколог